Breaking News

Забраната на увоз на украински земјоделски производи ја подели ЕК


Евентуалното продолжување на временото ограничување на увозот на украински земјоделски производи, што истекува на 15 септември, предизвикува поделби во Европската комисија, која е ставена во позиција да бира меѓу изразувањето солидарност со Украина и барањата на членките на ЕУ од Источна Европа, наведува „Еурактив“.


Европската комисија во април воведе привремена забрана за увоз на пченица, пченка, семе од репка и сончоглед од Украина, на барање на Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, кои тврдеа дека слободниот увоз на украински земјоделски производи им нанесува штети на нивните земјоделци.


По ова, забраната беше продолжена во јуни, но сега одново претставува „јаболко на раздорот“ во Еврокомисијата во пресрет на нејзиното истекување.

Во вакви услови полскиот еврокомесар за земјоделство Јануш Војчеховски изјави дека ако забраната не биде продолжена, ЕК одново ќе се соочи со истите проблеми со „земјите членки на првата линија“.


Во обраќање пред членовите на Комитетот за земјоделство на Европскиот парламент во четвртокот, Војчеховски потенцира дека продолжувањето на забраната е „најдоброто компромисно решение“ и единствен начин да се избегне „огромна криза“ во овие земји.

– Сакаме да избегнеме нова криза. Ова е предупредување – постои начин да се избегне повторување на овој проблем, изјави Војчеховски.


Тој изјави дека ова претставува негово лично мислење, а не официјален став на Европската комисија, но дададе оти се надева дека ваквиот предлог наскоро ќе биде прифатен.

На ваквата изјава на Војчеховски, реагираше Европската комисија кој соопшти дека во моментов „нема таков предлог на маса“.


– Во оваа фаза, не сме во позиција да коментираме мерките што не се преземени, информира ЕК, додавајќи дека се анализираат сите опции и се врши координација со засегантите земји за да се најдат „прагматични решенија“.

Според извршното тело на ЕУ, изјавата на Војчеховски претставувала „поширока размена на мислења“ со европратениците, а не нешто што се заснова на некаков официјален предлог од Комисијата.

Запрашан за коментар по ваквата реакција на Комисијата, Војчеховски потврди дека еврокомесарите „се уште не е разговарле“ за ова прашање.

– Тоа се уште не беше дискутирано на пленарен состанок на Комисијата, но има многу форми на дискусија во Комисијата, има дискусија и меѓу кабинетите, изјави Војчеховски, повторувајќи дека она што го изнел пред европретаниците е само негово мислење.

сп/са/Фото: МИА Архива / ЕПА .

Извор: МИА