Breaking News

Петрова обвинува за незаконско ангажирање лица со договори на дело во јавното здравство, од МЗ велат нема законски прекршувања


Дополнителната заменичка министерка за финансии Елена Петрова обвинува за незаконско ангажирање лица со договори на дело во јавното здравство.


Од Министерството за здравство, пак, тврдат дека нема законски прекршувања и апелираат да не се злоупотребува случајот за политички цели.


Петрова обвини за незаконска одлука на Владата околу ангажирање 459 лица со договор на дело во јавно-здравствени установи.

– Владата на седница одржана на 27 февруари, постапувала по известување од МФ за вработување нови лица во случај на итни и неодложни работи во ЈЗУ.


По насоките од Владата, МФ на 12 март, доставило до ФЗО известување за обезбедени финансиски средства за ангажирање 459 лица со договор на дело во триесет и пет ЈЗУ.

Ова е спротивно на Изборниот законик, според што по распишување на изборите за итни и неодложни работи, се дозволува само вработување на определено време.


Тоа е постапка што се спроведува со јавен оглас, може да учествуваат заинтересирани лица и да биде избрано лице кое ги исполнува условите.

Договорот на дело пак е однос што се воспоставува со определено лице, без можност да се вклучат повеќе заинтересирани лица, пишува таа на „Фејсбук“.


Според Изборниот законик, додава Петрова, итни и неодложни работи се дозволени вработувања по распишување на изборите само во точно определени случаи.

– Замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен и сезонски работи.

Дали 250 медицински лица и 209 лица од друг персонал – преведувач, статистичар, дактилограф, општ работник и така натаму, се за замена на отсутни или починати вработени и за сезонски работи? Согласно мојата надлежност и обврска да се грижам за законито користење, односно располагање со буџетските средства во овој период, кога се распишани изборите и е формирана преодна влада, заради организација на изборите за наведената повреда на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, ќе поднесам пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во прилог се одредбите од Изборниот законик и задолжението од Влада од седница одржана на ден 27 февруари, наведува Петрова во нејзината објава на социјалната мрежа.

Од Министерството за здравство за МИА велат дека постапувајќи по барањата на јавно-здравствените установи што бараат согласност за ангажирање лица со договор на дело за итни и неодложни работи кои со години се ангажирани со договор на дело и нивното ангажирање е неопходно за обезбедување на 24-часовна здравствена заштита во здравствените установи, МЗ доставило барање преку Фондот за здравствено осигурување до Министерството за финансии.

– Самото барање беше нагласено „Барање согласност за ангажирање на лица со договор на делот во јавни здравствени установи – за итни и неодложни работи, согласно член 8-1 од изборниот законик“.

Врз основа на истото, Министерството за финансии даде известување за обезбедени финансиски средства на 459 лица со договор на дело.

Министерството за здравство ја информира заменик министерката за финансии во техничката влада, Елена Петрова, дека барањето за обезбедување финансиски средства на 459 лица со договор на дело во јавно-здравствените установи е согласно член 8-а од изборниот закон и не е спротивно на изборниот законик.

Апелираме до заменик министерката да не го злоупотребува случајот во политички цели со ангажираните со договор на дело кои веќе неколку години работат во јавното здравство, се наведува во одговорот на МЗ до МИА.

МИА побара став и од претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар (ССКЦ), Предраг Серафимовски.

– ССКЦ во врска со прашањето што е актуелно, а се однесува за вработување лица ангажирани по договор за дело кои работат во комплексот Клинички центар „Мајка Тереза“, смета дека е потребно да се истакне следното.

Вработувањата со договор за дело е нужно вработување што е целосно неповолно за работникот, бидејќи тој нема придонеси, не е осигуран за никаков случај, нема право за надоместоци за реално извршната работа, а само поради состојбата во здравството и надежта дека ќе се вработи на неопределено, се држи оваа група вработени кои се ангажирани.

Бидејќи согласно закон, договор на дело не може да се извршува на неограничено време и е спротивно на закон, решавањето на ова болно прашање го акумулира во себе правниот недостаток на што се повикува заменичката на министерот за финансии, бидејќи вработувањето на оваа група работници, создава пред сѐ, исправка на неправдата што им се нанесува со години, вработување со потполна одговорност како на работодавач, така и на работникот за исполнување на законска дејност пружање на здравствена заштита на населението, како и намалување на проблемот на намалената вработеност на медицински кадар, односно санирање на состојбата на секојдневен одлив на кадри во здравството, вели Серафимовски во изјава за МИА.

Од тие причини, додава Серафимовски, ССКЦ во секој случај се залагал и ќе се залага за поголеми права на работниците, за подобри услови на вработените и создавање подобри услови за пружање здравствена заштита на пациентите.

Вработените по договор на дело не можат да бидат повикани на одговорност за својата работа, нагласува тој, појаснувајќи оти установите поради немање кадар ги искористуваат истите да работат незаконски и без доплата на вишокот саати, некаде и по 24 саати непрекината работа, поради што, истакнува Серафимовски, доаѓа до незадоволство и кај вработените и кај пациентите.

– За истава група во која има луѓе и со по 25 години со договор на дело се обезбедени финансии, не се паднати од Марс, туку работат последниве десетина години и секогаш пред избори се актуелизира ова прашање, ние како ССКЦ имаме седум архивирани барања од 2012 па досега, но секоја влада ги игнорираше и затоа сме дојдени до оваа ситуација, подвлекува Серафимовски.

бд/са/Фото: МИА архива .

Извор: МИА