Breaking News

Новогодишен концерт на велешкото музичко училиште „Стефан Гајдов“


Новогодишен концерт со класична и народна музика синоќа изведоа учениците од сите класи на инструменти од Основното општинско музичко училиште „Стефан Гајдов“.


Концертот се одржа во големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.


Концертот го почна хорот на ООМУ „Стефан Гајдов“ со Ѕвончиња, Среќен Божиќ и Танцот на снегулката под водство на професорката Славица Ставрева.

Потоа ученици самостојно или во дует на клавир, виолина, виолончело, флејта, кларинет, класична гитара  изведоа дела од Шостакович, Шуман, Обер, Шопен, Моцарт, Брамс, Лист, Џоплин, Григ. . .


Свој настап имаше и оркестарот на традиционални инструменти на музичкото училиште под водство на професорот Трајче Малинов,  кој свиреше  стари македонски народни песни.

Настапи и Оркестарот на ООМУ „Стефан Гајдов“ со виолини, виолончело, флејти и кларинет  под водство на професор Златко Андреев и професор  Роска Чукниева со популарни мелодии – Чајковски: Баркарола-Санта Лучија-О соле Мио и Џингл Бел.


За програмата се погрижија професори од сите класи на Музичкото училиште во Велес, професорите Илија Настовски, Јованче Банев, Благој Каракачанов, Златко Андреев, Роска Чукниева, Елена Ѓорѓиевска, Татјана Алексова, Филип Величковски, Роберт Андовски,Трајче Малинов и корепетиторот Игор Андреевски.

Директорката на ООМУ „Стефан Гајдов“ Габриела Бачманова за МИА изјави дека и годинава  овој традиционален  Новогодишен концерт  беше одлична можност за заедничка прослава на новогодишните празници на учениците, наставниците, нивните родители и сите граѓани кои се љубители на музиката.


 -Многу сум задоволна  и среќна  од успешниот настап  на сите класи ученици  и оркестарот  и хорот на нашето Музичко училиште.

Овој концерт е потврда за нивниот вложен труд, вежбање и напорно музицирање и за тоа добија силни и долги аплаузи.

Затоа ние заедно учениците и наставниците на сите родители, баби и дедовци  и други посетители им приредивме едно прекрасно уживање, една бајка проследена со прекрасна музика и песна, а надополнето со бајковито украсената сцена од страна на нашите професори, потенцира Бачманова.

На крајот на концертот како изненадување за сите на сцената дојде и Дедо Мраз, кој сите учесници на концертот  ги награди со подароци.

Учениците од ООМУ „Стефан Гајдов“ редовно се учесници на бројни домашни и меѓународни музички натпревари и фестивали и добитници на голем број награди и признанија.

ООМУ „Стефан Гајдов“ е првото отворено музичко училиште во земјава, веднаш по војната  и прославува 78  години од своето успешно постоење и работа.

Од неговите клупи произлегле голем број професори и врвни музичари кои настапувале и настапуваат на музичката сцена  во земјава и на врвни музики сцени во Европа и светот. ад/мд/ .

Извор: МИА