Breaking News

Млади луѓе од Лежа ставија венец на Уставниот суд по одлуката за договорот за мигранти


Група млади луѓе од Лежа, каде треба да се изградат прифатни центри за мигранти, ставија венец на Уставниот суд во Тирана со порака „уставноста е мртва”.


Тоа доаѓа откако судот вчера, со пет гласови „за” и четири против, одлучи дека договорот меѓу Албанија и Италија за мигранти е во согласност со Уставот.


Со одлуката на Уставниот суд се отвора патот Парламентот на Албанија да го ратификува договорот, кој еднаш беше ставен на дневен ред, но беше повлечен откако судот го суспендира.

 На одлуката на судот реагираше координаторот на пратеничката група на Демократската партија Газмент Барди, кој на објава на социјалната мрежа „Икс“, напиша дека „одлуката не е изненадување” и оти „Уставниот суд ја изгубил можноста да ја подели правдата по ова прашање”.


Универзитетскиот професор и пратеник на Демократската партија, Тритан Шеху, оцени дека одлуката е „сценарио подготвено од премиерот Еди Рама”.

– Ова е игра на Рама и тоа поради две причини, првата за да покаже дека имаме независно судство, откако Уставниот суд го зеде предметот на разгледување и ја одложи ратификацијата во Парламентот за неколку недели и вториот да покаже дека договорот е целосно во согласност со Уставот.


Договорот на сите им е јасно како ден дека е во спротивност со Уставот, изјави Шеху за euronews. al.

Договорот на 6 ноември во Рим го потпишаа премиерите  Еди Рама и Џорџа Мелони и со него се предвидува изградба на центри за мигранти во околината на Лежа, поточно во пристанишниот град Шнѓин и во Ѓадр, поранешна, сега напуштена, воена база, во кои треба да се сместуваат најмалку по три илјади бегалци месечно, односно 36 илјади годишно, кои се фатени во обид илегално да влезат на италијанскиот брег.


Испитување на уставноста побараа 30 демократски пратеници. Инаку, Долниот дом на италијанскиот Парламент на 24 месецов го ратификуваше договорот и треба да го одобри италијанскиот Сенат.

вт/паг/Фото: Принтскрин  .

Извор: МИА