Breaking News

Измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри на собраниската Комисија за европски прашања


Во Собранието денеска Комисијата за европски прашања ќе ја одржи 64. седница.


На дневен ред пред членовите на оваа Комисија се Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање и Предлог на законот за советодавен систем за земјоделството и руралниот развој во второ читање.


Со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри кој е предложен од Владата, се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии.

Како што стои во Предлог-законот објавен на собраниската веб-страна, со цел да се намали неограниченото отворање на уплатно исплатните места кај обложувалниците односно на деловните простории кај автомат клубовите, а со тоа и да се оневозможи лесниот пристап на населението до игрите на среќа, се предлага воведување на ограничување на бројот на уплатно исплатни места на обложувалниците со издадената лиценца, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца и воведување на надоместок за секое ново уплатно-исплатно место за обложувалница и за секоја нова деловна просторија за автомт клуб.


-Основни решенија на предложениот Закон се: соработниците на друштвото кое поднело барање за лиценца или кои сакаат да влезат во постојно друштво кое има лиценца за игри на среќа мора да поседуваат репутација; деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа треба да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта; начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии; се воведува надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа; се зголемува месечниот надоместок за лотариските и електронските игри на среќа; електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии; се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните на среќа (казина, обложувалници и автомат клубови); се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.

000 евра на 200. 000 евра, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца.


За секое следно уплатно-исплатно место над 25- тото, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10. 000 евра; се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78. 750 евра на 100.

000 евра. Лиценцата за приредување на игри на среќа во автомат клуб се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок во износ од 30.


000 евра; се зајакнува регулативата во делот на интернет игрите на среќа со имплементирање на препорака та на Препораката на Комисијата за принципите за заштита на потрошувачите и играчите на онлајн услугите за коцкање и за спречување на малолетници од коцкање преку интернет, стои во Предлог-законот.

Претходните денови, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) побараа итно повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата со цел носење на нов функционален закон.

Потенцираа дека доколку апелите не вродат со плод, подготвени се да организираат масовни протести-Бараме итно повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата за носење на нов европски функционален закон, изјави Васко Илиевски од Асоцијацијата на спортски обложувалници пред Собранието.

Илиевски истакна дека носењето на овој закон ќе предизвика затворање на легалната индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија.

Според него, законот е направен без соодветна анализа, истражување, коистење на факти и аргументи со тенденциозно избегнување на дебата и злоупотреба на европското знаменце.

Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) истакна дека членките на АПИС се претставници и на странски компании кои индиректно помагаат меѓу 54 до 100 илјади работни места во земјата, и, како што рече, најмалку што очекуваат е да бидат третирани како и другите странски инвеститори.

фф/аа/Фото: МИА Архива  .

Извор: МИА