Breaking News

Дваесетина НВО револтирани поради откажувањето на помошта за УНРВА


– Околу 20 меѓународни невладини организации денеска соопштија дека се огорчени од најавата на десетина земји дека ќе ја прекинат помошта за агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) во време кога Газа е во ситуација на „хуманитарна катастрофа“.


УНРВА е главниот обезбедувач на помош во Газа и регионот и прекинот на нејзиното финансирање ќе влијае на виталната помош испорачана на повеќе од два милиони цивили, од кои повеќе од половина се деца, кои зависат од нејзината помош, се наведува во заедничкото соопштение на 21 невладина организација меѓу кои се Оксфам, Лекари без граници, Спасете ги децата и Данскиот совет за бегалци.


Дванаесет земји, вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија и Јапонија, објавија дека го прекинуваат финансирањето на УНРВА по обвинувањата на Израел, упатени во петокот, дека неколку негови вработени биле вклучени во терористичките напади на Хамас на израелска територија на 7 октомври.

Израел соопшти дека сака да ги прекине сите активности на агенцијата, која отпушти 12 нејзини вработени по обвинувањата и вети дека ќе ги истражи израелските наводи, што беше поздравено од 21 невладина организација.


Во соопштението за медиумите, невладините организации наведуваат дека се шокирани од „неодговорната“ одлука на финансиерите да ја стопираат испораката на помош за целото население, кога тие земји „самите повикуваат на зголемување на помошта за Газа“.

– Длабоко сме загрижени и револтирани од фактот што некои од главните донатори се согласија да го прекинат своето финансирање на агенцијата на ОН за палестинските бегалци, во време кога хуманитарната катастрофа во Газа од ден на ден се влошува, се вели во соопштението.


УНРВА досега загуби 152 вработени, кои загинаа од 7 октомври, и 141 објект, кои беа оштетени во бомбашките напади, потсетуваат тие невладини организации.

„Милион раселени Палестинци се засолниле во близина или во 154-те засолништа на агенцијата на ОН, која продолжи да работи во речиси невозможни услови за да обезбеди храна, вода за пиење и вакцини за жителите на Газа“, се вели во соопштението.


Се додава дека другите агенции во Газа не можат да го компензираат недостигот на хуманитарна помош на УНРВА.

„Доколку се задржи суспензијата на финансирањето, ризикуваме целосен колапс на хуманитарниот одговор, кој е веќе многу ограничен во Газа“, наведоа хуманитарните организации и ги повикаа земјите кои ја прекинаа помошта да ја повлечат својата одлука.

Во одвоено соопштение вчера, Лекари без граници го осуди „кратењето на буџетот“ што, како што рекоа, „го става на ризик опстанокот на милиони Палестинци“. јт/Фото: МИА архива .

Извор: МИА