Breaking News

Четврти ден општа расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година


Собранието во рамки на денешното продолжение на 135. седница четврту ден треба да расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година.


 За пратениците од опозицијата, буџетот е напумпан, гломазен и неразвоен буџет, кој како што кажаа не носи развој, туку криминал и корупција.


За владејачкото мнозинство, пак, е реален, развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст. Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра.

Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.


Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари.

Се очекува раст на бројот на вработени од два процента.


За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари.

За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.


Како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од општата расправа, најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

 Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка.

Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство.

Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.

До крајот на годинава се очекува натамошно намалување на инфлацијата и таа во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

На дневен ред на оваа седница се и Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година, Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, по скратена постапка, Предлогот на законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за буџети и двата по скратена постапка, Предлог за именување член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог на одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Предлог на одлуката за именување на претседател и членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Во прво читање на оваа седница се Предлог на законот за помилување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата. фф/са/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА