Breaking News

Соработка со Хрватската народна банка како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки од Западен Балкан


Од Народната банка информираат дека во рамки на втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на капацитетите на централните банки од Западен Балкан, насочена кон исполнувањето на критериумите и условите за интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), е реализирана билатералната мерка за запознавање со правилата на Европската централна банка за сметководствено евидентирање и финансиско известување на ЕСЦБ.


 – Првата експертска мисија за билатералната мерка што се одржа во периодот од 4 до 6 октомври 2023 година, беше водена од двајца експерти од Хрватската народна банка.


Главната цел на мисијата е да се сподели и да се продлабочи знаењето на експертите од НБРСМ за потребните подготвителни активности за воведувањето на сметководствените политики во согласност со Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ (ECB Accounting Guideline), да се разгледаат практичните примери за спроведување на сметководствените политики и предизвиците во финансиското известување од влезот во Европската Унија, се наведува во денешното соопштение од Народната банка.

Обработени се повеќе области меѓу кои сметководствената евиденција и системот на финансиско известување во Хрватската народна банка, законските решенија поврзани со капиталот и резервите, вреднувањето на позициите од билансите и нивна презентација во согласност со сметководствените правила на Европската централна банка и разликите во однос на Меѓународните стандарди за финансиско известување – МСФИ, развивањето софтверски решенија, како и процесот на паралелно водење на сметководството на двата начина и известувањето во периодот пред приклучувањето на Хрватската народна банка во Евросистемот.


– Стекнатите сознанија од соработката со експертите на Хрватската народна банка, кои безрезервно ги споделија своите знаења, искуство и воспоставените практики, се од големо значење за НБРСМ во процесот на спроведување на подготвителните активности за примена на Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ, велат од Народната банка.

бак/дма/Фото: Народна банка  .


Извор: МИА