Breaking News

Расправата за измените на ЗРО поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д продолжува попладнево


Собраниската Комисија за труд и социјална работа денеска втор ден по ред ја продолжи расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.


Дневниот ред на денешната седница на Комисијата беше усвоен со седум гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа.


Во процедурално обраќање заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска истакна дека партијата нема да прави активна блокада на Собранието, но потенцира дека за овој Предлог-закон поднеле „два суштински амандмани – едниот за да се поништи 60 часа работна недела и вториот да се укине ексклузивата на министерката за труд и социјална политика“.

– Се за што вие критикувавте, го спроведувате трикратно, петкратно. Оние кои ви наредиле да се потпишете на овој предлог, имаат замешани прсти, но вие сте потписниците и за секој потпис еден ден ќе одговарате, рече Стојановска.


По ова претседателот на Комисијата, Елми Азири даде пауза поради, како што рече, големиот број на амандмани што се поднесени на Предлог-законот. фф/сп/

Фото: МИА


Скопје, 12 април 2023 (МИА)