Breaking News

Нетанјаху: Меѓународниот притисок нема да ја спречи израелската офанзива на Рафа


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека меѓународниот притисок нема да го спречи Израел да започне офанзива на Рафа, град на крајниот југ на Појасот Газа, каде што, според ОН, бегајќи од воените дејства, се засолнети речиси 1,5 милиони Палестинци.


– Ниту еден меѓународен притисок нема да не спречи да ги постигнеме сите воени цели против Хамас.


Ќе дејствуваме во Рафа, ќе бидат потребни неколку недели, но тоа ќе се случи, рече Нетанјаху на почетокот на седницата на Владата на Израел.

Нетанјаху ги критикуваше оние „во меѓународната заедница кои се обидуваат да ја запрат војната сега, пред да ги постигнат сите цели“, пренесува Бета.


Изјавата на Нетанјаху следува по минатонеделниот повик за избори во Израел, од американскиот сенатор Чак Шумер, и на растечката критика за начинот на кој Белата куќа ја води војната во Газа, јавуваат израелските медиуми.

Премиерот на Израел оцени дека оние кои сакаат да ја прекинат војната користат лажни обвинувања против израелската армија, владата и премиерот и се издејствуваат избори среде војна.


Осврнувајќи се на „пријателите на Израел во меѓународната заедница“, Нетанјаху праша дали имаат кратко памтење.

– Дали толку брзо го заборавивте 7 октомври, најужасниот масакр извршен врз Евреите по холокаустот? Дали толку брзо му го ускративте правото на Израел да се брани од чудовиштето Хамас? Дали толку брзо ја изгубивте моралната совест, праша Нетанјаху.


Тој повика меѓународниот притисок да се насочи кон Хамас и Иран, наместо кон Израел.

Нетанјаху уште еднаш ги повтори целите на војната, елиминација на Хамас, ослободување на сите израелски заложници и Газа повеќе да не претставува закана за Израел.

Тој исто така вети дека израелската армија „внимателно“ ќе дејствува во Рафа.

– Оние кои велат дека операцијата во Рафа нема да се случи се истите оние кои рекоа дека нема да влеземе во Газа, дека нема да дејствуваме во болницата во Шифа, дека нема да дејствуваме во Кан Јунис и дека нема да ги продолжиме борбите по еднонеделниот прекин на огнот во ноември, истакна Нетанјаху.

са/Фото: МИА архива   .

Извор: МИА