Можностите и критериумите за користење средства од ИПАРД 3 претставени пред стружани


Стопанственици, бизнисмени, земјоделци од Струга и Струшко денеска имаа можност да се запознаат со можностите и критериумите за аплицирање и користење средства од новата ИПАРД 3 програма во рамките на кампањата „ИПАРД 3 – нови можности за македонското земјоделство“.


Виктор Младеновски од секторот за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство појасни дека од 1 септември распишан е јавен повик за мерките 1 и 7, односно за примарно земјоделско производство и за диверзификација на земјоделското производство и развој на бизниси во рурални средини.


Повикот ќе биде отворен до 15 октомври, со можност за продолжување до 1 ноември годинава. – ИПАРД програмта во државата се спроведува веќе 17 години.

Од ИПАРД 1 реализациски финансиски не сме задоволни, но остави голем впечаток на македонските институции, земјоделците и руралните житлеи да се научат како да користат ИПАРД.


Средствата од ИПАРД 2 се повеќе од 80 отсто потрошени, нешто ситно што остана објавено е во последниот повик ИПАРД 2 кој е во тек. Со негово завршување очекуваме сите пари да се потрошат.

Штом се потрошат парите значи луѓето се научиле да користат сретства знаат да ги исполнат стандардите и барањата на Европската унија, истакна Младеновски.


Јованка Биљан содружник во ДПТУ „Биљанови“ Струга има долгогодишно искуство со ИПАРД проектите.

Досега реализирале три проекти во чии рамки набавиле опрема за месната инндустрија: пушници, опрема за вакумирање, тамблер, вага. . .


, а со мерката 7 извршиле реконструкција, надградба и доградба на објект – хотел и негово опремување.

Во моментот информира дека работат на апликација за мерката 3 и се подготвуваат за набавка на фотоволтаична централа за месната индустрија. – Обврските се европски.

И покрај тоа што ИПАРД е еден финансиски инстурмент, кој ни помага да покриеме дел од трошоците со различните мерки, во ИПАРД програмата треба да гледаме како на еден долгорочен проект, кој ќе ја подигне економската култура во македонската економија на едно повисоко ниво.

Кај нас тешкотијата произлегува од тоа што се бараат многу документи, прецизна постапка, точно се знае што треба и како треба.

Треба да се научиме да читаме, не само апликантот, туку целото стопанство да се научи и да ја подигне бизнис климата на едно повисоко ниво, изјави за МИА Биљан.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Платежната агенција и Агенција за поттикнување на развој на земјоделството им стојат на располагање на граѓаните да ги водат низ целиот процес на аплицирање.

сс/лв/Фото МИА .

Извор: МИА