Breaking News

Ковачевски – Агелер: Поддршка од САД во пресрет на следните чекори во евроинтеграцискиот процес на земјата


Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, која, како што информира владина прес-служба, ја пренела цврстата одлучност на САД да продолжат и понатаму да ја поддржуваат Северна Македонија, високо ценејќи ги досегашните одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.


Средбата е дел од редовниот дијалог со американската амбасадорка по однос на заеднички теми од дневен ред во односите меѓу двете земји и доаѓа по посетата на премиерот Ковачевски на Соединетите Американски Држави, минатата недела.


-Премиерот Ковачевски се заблагодари за недвосмислената поддршка за нашата земја добиена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата која се одржа на 9 Мај во Вашингтон, а посебно во пресрет на следните чекори во евро-интегративниот процес на земјата.

Заемно беше нагласена заложбата за севкупен развој на пријателските, билатерални и економски односи меѓу Северна Македонија и САД, како сојузници во НАТО, но и како две земји кои споделуваат заеднички вредности, наведува во соопштение владината прес-служба.


лв/фото: Влада на РСМ .

Извор: МИА