Breaking News

ИСОС го закружува процесот на ажурирање и објавување на регистрите на професионални сметководители


Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) ја започна финалната фаза од процесот на ажурирање и објавување на податоците во регистрите на сметководители и овластени сметководители, вклучително и во регистарот на друштва за вршење на сметководствени работи и ги повикува сите компании и останати правни субјекти во земјава навремено да проверат дали сметководителот или друштвото кое ги извршува нивните сметководствени работи се наоѓа во соодветниот ажуриран регистар што ќе биде објавен на веб-страницата на ИСОС.


Целта на ажурирањето, како што велат од ИСОС, е да се овозможи целосна имплементација на одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи, со што се обезбедува подобра евиденција и управување со сите финансиски текови во земјата.


Оваа фаза од процесот, додаваат, започна на 18 декември 2023 година со објавување на прелиминарниот список на друштвата за вршење на сметководствени работи на интернет страницата на Институтот, а ќе заврши со објавување на конечниот ажуриран регистар на овие друштва, што ќе се случи на 15 јануари 2024 година.

 -Во овој период, сите физички и правни лица кои вршат сметководствени работи ќе треба да го довршат процесот на усогласување на своето работење според одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи и да ги пријават сите евентуални промени на своите податоци во соодветните регистри што ги води ИСОС.


Истовремено, ИСОС ќе изврши електронска размена на податоците од вака ажурираните регистри со Централниот регистар и Управата за јавни природи, порачуваат од ИСОС.

Објавувањето на ажурираните регистри, како што велат, треба да придонесе за елиминирање на работењето во т. н.


сива зона, појава која сѐ уште е присутна и нанесува штета на сметководствената професија, и истовремено ќе го унапреди работењето на деловните субјекти во земјава, имајќи ја предвид големата одговорност што ја имаат професионалните сметководители во делот на водењето и евиденцијата на сите финансиски текови.

-Ги повикуваме сите компании и останати правни субјекти во нашата земја навремено да проверат дали сметководителот или друштвото кое ги извршува нивните сметководствени работи се наоѓа во соодветниот ажуриран регистар што ќе биде објавен на веб-страницата на ИСОС.


Овој процес е исклучително важен, затоа што со него се добиваат точни информации за професионалните сметководители и друштва за сметководствени работи кои ги исполнуваат законските услови и согласно на тоа можат да вршат сметководствени работи, вклучувајќи ги и тие што имаат право да ги потпишуваат годишните сметки и останатите документи за финансиско известување, вели претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Токму поради ваквата голема одговорност и потребата од унапредување на сметководствената професија во земјава и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, а потоа и со членките на ЕУ и на останатите развиени земји во светот, како што кажа, ИСОС ќе продолжи да вложува интензивни напори во доменот на континуирано стручно усовршување на сметководителите, доследна примена на законската регулатива, на етичките принципи на професијата, како и на воведување и примена на меѓународните стандарди за финансиско известување во нашата земја.

вј/нд/Фото: Принтскрин .

Извор: МИА