Breaking News

Грковска: Договорот за коридорите е од стартешки интерес и нема причина да не се објави, освен ако тоа не е предвидено со клаузула


Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, вели дека не гледа причини Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „Бехтел и Енка“ да не биде објавен, освен, доколку тоа не е предвидено со клаузула во самиот договор.


-Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно, пак ќе кажам, тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста, изјави вицепремиерката Грковска на новинарско прашање пред промоцијата на проектот „Преосмислување на управувањето“. 


Што се однесува до законските измени во насока на зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, а кои се однесуваат само на реализацијата на проектот за коридорите, Грковска очекува да се разјаснат работите за време на дебатата за законите во Парламентот.

-Вие гледате дека има прилично голем број на амандмани. Самите кажавте станува збор за мерка која што се однесува само за проекти коишто се од стратешки од национален интерес и тоа е по претходна согласност на работникот. Значи доколку работникот прифати, тоа може да биде реализирано, рече Грковска.  


Прашана во однос на можноста тоа да биде злоупотребено од работодавачите, вицепремиерката апелираше до сите надлежни иснтитуции да се дојде до решенија кои тоа ќе го оневозможат.

-Јас сакам да ги повикам сите надлежни институции да го разгледаат од сите можни аспекти и доколку се утврди дека има каков било проблем којшто може да задира во уставноста или во контрадикторност со други закони, со други права, ги повикувам сите да си најдат решение коешто ќе биде прифатливо за сите во функција на исполнување на стратешките и националните приоритети, рече Грковска. вг/ац/