Приходите на Царината во 2023 година растат по секој основ, бројот на случаи на заплени е зголемен за 30 проценти, на кривичните пријави за 60 проценти, а инвеститорите во нас препознаа доверлив партнер и јавно нѐ издвоија како институција, од чија работа се најмногу задоволни, оценил директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, на денешниот настан по повод одбележување 32 години од нејзиното основање.
– Резултатите се доказ за нашата посветеност, што ќе продолжи и натаму со уште поголем елан, бидејќи само така ќе одиме напред и ќе овозможиме забрзан економски раст и подобра иднина за нашите граѓани.
Целта ни е повисоки приходи во Буџетот, односно повеќе пари за училишта, здравство и патишта, зајакнување на конкурентноста на македонското стопанство преку олеснување и забрзување на трговијата и сузбивање на корупцијата и криминалот, пишува во писмената изјава на Богоев, што ја пренесува Царинската управа.
Директорот потенцирал дека подобрените резултати се соодветно вреднувани со потпишување колективен договор, со што се подобрени условите за работа, а платите се зголемени за 43 проценти, се додава во соопштението, до јуни царинските службеници ќе добијат и нови униформи со што достојно треба да ја претставуваат Царината, а обезбедени биле и нови простории.
Како што информирал Богоев, во претстојниот период следува реализација на нови развојни проекти од што бенефит ќе имаат сите македонски компании, а управата посветено работи на реформи и имплементација на напредни ИТ системи, со цел забрзана интеграција со единствениот пазар на ЕУ и влез во Унијата.
Министерот за финансии Фатмир Бесими го честитал 32-годишното постоење на Царинската управа, посочувајќи оти таа е чувар на финансиските интереси на државата, игра значајна улога во остварување на економските приоритети што обезбедуваат одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на животот на граѓаните.
– Оттука, градењето современа царинска служба и понатамошно забрзување, олеснување и дигитализација на царинските постапки, значи брза и сигурна размена на стоки, услуги и капитал и олеснување на условите за водење бизнис.
Во таа насока, клучно е да останеме на цврстата посветеност на спроведување на реформите и на тој начин, да бидеме подготвени и на предизвиците наметнати од брзата глобализација на трговијата, се истакнува во писмената изјава на Бесими.
Како што пишува во соопштението, по повод одбележување на Денот на Царината – 14 април, биле доделени и плакети за ТАВ аеродроми и за Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Богоев во име на Управата, доделил и признанија за успешна работа на царинските службеници. бд/лв/Фото: Царинска управа .
Извор: МИА