Breaking News

АНАЛИЗА: Оценка за економската 2023


Ново воено жариште што донесе нови ризици за глобалната економија. НБМ продолжи со “затегнување„ на монетарната политика што резултираше со високи банкарски камати за кредитите, пишува Порталб.мк. Инфлацијата “зауздана“ но и натаму доволно висока за да го “јаде„ животниот стандард. Оценка за економската 2023 та преку анализа на економисти и аналитичари.


2023 – кризна година која не се искористи како “шанса“ за промени…


Цените на храната се зголемуваа, стапките на економски раст се “топеа“. И во 2023 та животниот стандард беше на удар – оценува универзитетскиот професор и еден од поранешните министри за финансии Никола Поповски.

“Овие трендови се специфични и за Македонија. Веќе втора година по ред имаме значителна инфлација која кумулативно е многу висока и тоа предизвикува многу проблеми и на страната на производството и на страната на потрошувачката. Од неа особено се погодени оние делови населението што живеат од месечните приходи врз основа на работен однос и што голем дел од расходите им се одлеваат за нужните потреби за храна, енергија и други основни потреби, а тоа претставува над три четвртини од населението“ – вели за “Порталб“ професорот Поповски.


Иако во 2023 та имаше олабавување на “енергетската криза“, ризиците останаа. Според новинарот Мирче Јовановски зад нас оставаме година во која отсуствуваа реформи а од друга страна се “гасеа пожари“ и на економски и на социјален план.

“Тука пред се мислам на борбата против сивата економија што е предуслов за воведување поправедно оданочување на граѓаните и компаниите, без притоа да се посегнува по било какви „солидарни“ давачки. Излегува дека товарот пред се паѓа на оние совесните, додека другите кои што, условно кажано се „во сенка“, продолжуваат да ја појадуваат економската основа на државата. Податокот дека сивата економија кај нас е меѓу 25 и 40 проценти од БДП покажува колкав „резервоар“ на приходи лежи во нејзиното сузбивање. Уште еднаш се покажа дека во таа борба не помагаат политички изјави, туку дека е неопходна силна политичка волја“ – вели Јовановски.


Годинава според проценките на економистите ќе ја завршиме со скромен раст од околу 1.5%. Стапката на инфлација ќе биде едноцифрена но блиску до двоцифрена а невработеноста ќе изнесува 12 -13% што се смета за ниска но во исто време поради стапката на активност на населението од 65,6%, професорот Поповски смета дека се соочуваме со висока стапка на “скриена “ невработеност„.

“На ова треба да се додаде и нужното покачување на каматните стапки што заради огромниот релативен раст на многу економски субјекти, но и на потрошувачите им зададе сериозни проблеми. За економија со достигнато ниво на развој како нашата, ваквите движења не се воопшто охрабрувачки. Ако на тоа додадеме дека трговскиот дефицит во оваа 2023 година ќе достигне ниво од над 2,6 милијарди евра, дека имаме релативно високо ниво на фискален дефицит на општата власт од околу 4% од БДП и сериозно ниво на јавен долг што постојано претендира да го достигне критичното ниво од 60% од БДП“ – оценува Поповски.


Според Јовановски иако економијата беше под ризик, кризата не беше искористена како “шанса“ за промени.

“Во однос на оцената за 2023 година би издвоил уште една работа – а тоа е дека не ја искористивме кризата како можност, односно шанса, што од страна на политичарите се повторува наназад три-четири години. Оправдување, секако, може да се најде во многуте неповолни надворешни фактори, нарушените синџири на снабдување, падот на нарачките од нашите традиционални трговски партнери, цената на енергентите, високата инфлација итн, но сепак, мислам дека клучот е во похрабри економски реформи“ – оценува Јовановски.

Дел од ризиците ќе се прелеат и во 2024 та. Какви се прогнозите и очекувањата на аналитичарите – во следната нова Анализа.