Во атмосфера на врева и навреди албанскиот Парламент го усвои Законот за стратешки инвестиции


– Во веќе виденото сценарио, со викање, свирење, упатување навреди од страна на опозициските демократи, за само неколку минути заврши денешната пленарна седница во албанскиот Парламент.


И покрај вревата во салата, пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа неколку закони, меѓу кои и Законот за стратешки инвестиции.


Потпретседателката на Собранието, Ермонела Фелај, која раководеше со седницата ги критикуваше пратениците од опозицијата за хаосот и опструкциите на работата во Собранието.

-И покрај оваа ситуација, принудени сме да продолжиме. Многу ми е жал што продолжуваме на ист начин, како и многу седници претходно, рече Фелај.


Пратеникот Газмент Барди ја обвини Фелај дека го фалсификува гласањето, бидејќи според него немало кворум, на што таа му одговори дека има кворум и оти „целта на опозициските пратеници е да ја попречат седницата“.

Пратеникот Ервин Салијањи пак ги исмеа пратениците од мнозинството нарекувајќи ги овци. -Главата долу, картонот горе, вие сте овци, рече тој.


Опозициските Демократски пратеници веќе неколку месеци го блокираат нормалниот тек на седниците, за што дел од нив Советот за етика и ги исклучува од работата на парламентот, во различен временски период.

Вчера, советот, поради недоличното однесување на понеделничката седница донесе одлука за исклучување на пратеникот Фламур Нока на 30 дена, кој и физички нападна припадник на обезбедувањто, потоа пратеникот Блејон Налбани на 20 дена и пратеникот Саимир Кореши на 5 дена.


Демократската партија има 55 пратеници, поголемиот број или 47 се во групата-приврзаници на Сали Бериша а само 8 со Љуљзим Баша, официјално лидер на демократите, кои не се согласуваат со ваквото однесување на нивните колеги.

вт/ссм/ Фото: принтскрин .

Извор: МИА