Трговската размена со Полска е исклучително ниска, во 2027-ма се очекува раст на извозот до 150 милиони долари


Исклучително ниска е трговската размена на земјава со Полска.


Засега извезуваме многу мала палета производи, но, со јакнење на соработката, до 2027 година се очекува пласманот да достигне 150 милиони долари, велат од Стопанската комора.


Двете земји немаат отворени политички прашања, ниту меѓу нив постои каков било конфликт.

 Како што изјави извршниот директор на Комората, Антони Пешев, во Полска се извезуваат само 15 производи со вредност поголема од еден милион долари, додека првите топ 20 извозни производи со најголема вредност учествуваат со 72 отсто во целокупниот извоз.


 -Секогаш си го поставувам истото прашање, зошто Македонија и Полска требаше толку многу години да чекаат за да почнат да соработуваат на повисоко ниво.

Народите се многу блиски, комуницираат, немаат никаков проблем за соработка, но низ сите овие години размената е многу мала и претставува огромен чин да го отвориме овој пазар.


Обично зборуваме за милијарди, а сега се трудиме да достигнеме стотици милиони. Северна Македонија на полскиот пазар извезува исклучително мала палета производи.

Во Полска се извезуваат само 15 производи со вредност поголема од еден милион долари, што е апсолутно неприфатливо за една економија, додека првите топ 20 извозни производи со најголема вредност учествуваат со 72 отсто во целокупниот извоз.


Тоа значи дека Северна Македонија на полскиот пазар извезува ислучително мала палета производи, а би можеле да ја зголемиме.

Нашите првични истражувања зборуваат дека извозот во наредните пет години би можел да се зголеми меѓу 50 и 100 милиони долари што е исклучително важно за македонската економија.

Се очекува извозот да достигне до 150 милиони долари во 2027 година, рече Пешев пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

   Според него, досега двете земји соработуваа во сегментот на базичните производи. -Можеме да соработуваме во финални производи што е многу голема разлика.

Додадената вредност во финалните производи и производите со додадена вредност имаат поголем импакт на економијата, подвлече Пешев.

Полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик потсети дека пред две години беше потпишан Меморандум за соработка меѓу двете земји за промоција и развој на меѓународната трговија.

-Како последица на тоа, се организира денешниот настан за продлабочување на економската соработка. Сметам дека не е важна само политичката соработка, туку битна е и трговската, економската соработка.

Полјаците многу ја сакаат Северна Македонија, тие се едни од најбројните туристи на ЕУ кај вас, истакна Гжелчик.

Конференцијата ја организира во рамки на „Проектот за поддршка на регионалната интеграција на приватниот сектор“ што се спроведува во партнерство со УСАИД, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Полската амбасада во Скопје, Полската агенција за инвестиции и трговија (ПАИХ), Агенцијата за странски инвестиции и Долношлеската стопанската комора.

мч/аа/фото: МИА и МИА архива  .

Извор: МИА