Breaking News

Тома Фила: Белградските избори ќе бидат најважни, оти ќе настапиме во две колони


Тома Фила, член на Претседателството на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и кандидат за градоначалник на Белград на изборите во декември, рече дека новите избори во Белград ќе бидат најважни бидејќи владејачката партија и опозицијата ќе настапат во две колони, јави дописникот на МИА од Белград.


-Опозицијата го постави прашањето сега или никогаш, ние сме навикнати на сега и нема да има проблем да победиме на тие избори, но тие ќе се обидат да се соберат сите, и оние кои се за Европа и оние кои се против Европа, за да одржат еден вид на референдум, потег за да се постави приказна за или против Вучиќ и мислам дека Белград не го заслужува тоа, изјави Фила.


Тој кажа дека очекува многу лоша предизборна кампања бидејќи, според него, штом се поставува референдумско прашање за или против претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тогаш тоа ќе биде валкана кампања до крај.

Одговарајќи на прашањето кој ќе се приклучи на широкиот фронт со СНС како дел од Движењето за народот и државата на Александар Вучиќ, а кој во опозицискиот сојуз „Србија против насилство“ (СПН), Фила рече дека СПС на градскиот одбор донела одлука да се приклучи на фронтот на СНС, но додаде дека тоа е сè уште не е јасно како ќе изгледа, односно дали изборните митинзи ќе ги одржуваат заедно или поединечно.


Тој изјави дека очекува СПС и СНС на тие избори „сигурно да ја поразат“ опозицијата.

На претходните избори во декември во Белград, социјалистите освоија 4,75 отсто од гласовите, односно пет советнички мандати. об/ссм/ .


Извор: МИА