Светниколските земјоделци добија ветување дека ќе им се продолжат договорите за закуп на земјоделско земјиште


– Ние не сме правници, тоа што ни го кажувате не го разбираме.


Ние сме земјоделци, нашата работа е на нивите, а  не да одиме по институциите, порачаа  светниколските земјоделци на  денешните средби со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во салата на Општина и со дополнителниот министер, Цветан Трипуновски во салата на Домот за култура во Свети Николе.


Земјоделците од Свети Николе во изминатите два дена бараа од институциите да им се продолжат договорите за закуп на земјоделско земјиште, на кои им се истечени на крајот на минатата година, иако уредно конкурирале во јуни 2023 година за продолжување на договорите.

-Вие сте Македонец, со тој преку телефоните што се препукувате од другата партија и тој е Македонец. Мене ме боле што ни ги избркавте децате, а сега не оставете и ни ги раскинувате договорите.


Зошто не седнете вие двајцата да се договорите во кабинетот, да седнете и да речете дај да им ја решеме работата на овие луѓе.

Мене ми е работа на нива, не ми е да одам на состаноци по канцелариите, вели Љубе Анастасов од Здружението „Овчеполски фармер“- Свети Николе.


 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски на земјоделците од Свети Николе им посочи дека утре ќе биде повикан дополнителниот министер Трипуновски, а како што рече договорите за закуп на земјоделско земјиште не им се раскинати, туку ќе бидат продолжени.

-Сите информации на Влада се подготвуваат и ќе бидат пуштени во владина процедура, ќе се носат одлуки на Влада и ќе се склучат договорите од страна на министерот, во целиот  овој период, за овие 200, за оние на кои им истекуваат во март, април исто така ќе следат постапки, никој да не се грижи дека во периодот што следи ќе има некаков проблем, рече Николовски на средбата со земјоделците од Свети Николе на коишто не им се продолжени договорите за закуп на земјоделско земјиште.


Дополнителниот министер Трипуновски пак на средбата со истите земјоделци посочи дека не постои законска пречка за склучување на договори во овој период-Постои многу елегантно решение без притоа да се прават какви било измени на Законот, а тоа е дека согласно поднесените барања од страна на земјоделците министерот по претходна одлука на Влада може да склучи договори за непосредна спогодба.

Јас пред мене го имам и дописот од Државната комисија за спречување корупција, и од 2016 и од 2019 и сакам да цитирам дека не постои законска пречка, вели Трипуновски.

Земјоделците од здружението „Овчеполски фармер“ по средбата за МИА истакнаа дека оставаат рок до 3 април да им се продолжат договорите за закуп на земјоделско земјиште, доколку не се реализира ветеното во тој случај ќе протестираат и ќе блокираат патишта и улици низ Свети Николе.

вдј/дма/Фото: МИА   .

Извор: МИА