Breaking News

Столтенберг: Северна Македонија е ценет сојузник на НАТО (ДПЛ)


Република Северна Македонија е ценет сојузник на НАТО. Навистина ве цениме и многу ги цениме вашите придонеси кон нашата Алијанса.


НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО, изјави денеска на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.


-Вие придонесувате кон безбедноста и стабилнпста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово, Решени сте да дојдете до два проценти од БДП потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската агресија против Украина.

Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност.


Покриени сте од авионите на НАТО, и ова е всушност силидарноста на НАТО на дело, нагласи Столтенберг.

Тој посочи дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО и, како што рече, тука има причини за загриженост.


-Во Бих се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики, и наместо тоа да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина.

Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство.


Белград и Прштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението ќе ги почитува правата на сите заедници, порача Столтенберг на прес-конференција во Владата.

Премиерот Ковачевски од своја страна истакна дека Северна Македонија како членка на НАТО продолжува да вложува во јакнење на капациеттите во задржување и јакнење на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.

-Како најмлади членки се посветивме и ја постигнавме воената интеграција од било која претходна земја-членка која се приклучила на Алијансата.

Изминатава година особен фокус ставивме на нашето јакнење во справувањето со хибридните закани и сајбер одбраната, за што морам да се заблагодарам на МО и на МВР кои што во соработка со НАТО ја имаат целосната поддршка од нашите сојузници во овие големи предизвици кои ги имавме на почетокот на годината, истакна Ковачевски.

Според него, стабилноста на регионот е исклучително и суштински важно и тоа повеќе од кога било досега. -Токму затоа наш приоритет е евроинтеграцијата. Пред се на Северна Македонија, но и на регионот.

Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат и ќе направиме се што е потребно да го исчекориме до крај, се до нашето членство во ЕУ во 2030 година, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО во Владата.

 Ковачевски истакна дека  со стабилноста и безбедноста обезбедена со членството во НАТО, Северна Македонија била препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација за инвестиции.

-Северна Македонија е препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација и тоа го потврдуваат најдобро бројките во однос на странските директни инвестиции, во однос на зголемениот број на вработени, зголемена просечна плата која денес е објавена дека е највисока во историјата на државата и намалениот број на невработени лица.

Токму затоа европскиот пат е вистинскиот пат исто како и интеграцијата во НАТО што беше вистинска интеграција за државата пред 3 години.

Нашите граѓани заслужуваат да се дел од Унија на најразвиените, најбогатите држави, со кои ќе достигнеме економски напредок, но и социјална правда и врвно владеење на демократијата и врвно владеење на правото, ијзави тој.

Изрази надеж дека наскоро ќе биде исполнета и втората стратешка цел а тоа е членството во ЕУ. -Една стратешка цел со НАТО е исполнета.

Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатланската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ, и да ги исполниме барањата и очекувањата на граѓаните за подобар, попросперитетен и побогат живот, подвлече тој.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска го посети и Собранието на Северна Македонија, од каде имаше свое обраќање. свс/нд/Фото: Влада .

Извор: МИА