Breaking News

Стефановиќ: Вучиќ ја оддалечува Србија од ЕУ честитајќи му ја на Путин изборна победа


Потпретседателот на Партијата на слободата и правдата (ССП) Борко Стефановиќ изјави дека честитката на претседателот на Србија Александар Вучиќ на изборната победа на Владимир Путин испраќа порака дека не му пречи што изборите во Русија се организирани во сенката на починатиот Алексеј Навални и војната во Украина и додаде да тоа покажува дека за него се прифатливи прогонот и апсењето на политичките противници и новинари, јави дописникот на МИА од Белград.


-Сосема е јасно дека оваа честитка од Вучиќ е всушност враќање на долгот кон Путин, кој заедно со Орбан и Ердоган и ја честиташе победата на неговата СНС на декемвриските избори, за кои домашните и странски набљудувачи, целиот Европски парламент, опозицијата и граѓанскиот сектор докажаа дека се производ на изборна измама, наведе Стефановиќ во писмената изјава.


Тој нагласи дека на тој начин Вучиќ ја оддалечува Србија од европската иднина, која е единствената гаранција за нормален живот и покажува дека неговите емисари, како Владимир Ѓукановиќ (посматрач на руските избори), престојувале во Русија „со идеја да научат како може изборниот процес уште повеќе да се обезличи“.

-Оние кои сонуваат за гулази не можат да му обезбедат добар живот на својот народ, рече Стефановиќ.


Тој порача дека борбата за фер и чесни избори не е само право туку и обврска на секој човек кој верува дека заслужува самостојно да одлучува за својата судбина и иднина. об/ссм/ .

Извор: МИА