Breaking News

Средби на Бесими со ММФ: Економските политики добро поставени, економијата ги подобрува изгледите


Министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска оствариле средби со претставници на Меѓународниот монетарен фонд на кои било оценето дека економските политики во земјава создаваат солидна основа за зголемување на потенцијалот на раст и остварување на повисоки стапки за раст на среден рок.


На средбите, како што соопшти Министерството за финансии, било истакнато дека економијата е отпорна, макроекономските фундаменти се здрави и дека очекувањата на ММФ за растот годинава се подобрени за 1,1 процентен поен во октомвриската проекција во однос на априлската.


Значајна улога ќе играат инвестициите, вклучително и капиталните, коишто во Буџетот бележат трицифрен раст во однос на минатата година.

Инфлацијата се очекува да продолжи да се намалува и придонес кон тоа да дадат владините антикризни мерки, било нагласено на средбите со извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.


 Министерот Бесими посочил дека економските политики што се спроведуваат добиваат потврда од релевантните меѓународни финансиски институции и од инвеститорите, но дека тоа го потврдуваат и резултатите што се остваруваат.

– Приходите во Буџетот се за 12 проценти повисоки од приходите остварени минатата година, расходите и дефицитот се во рамки на планираното и се одржуваат на курсот на постепена фискална консолидација.


Капиталните расходи бележат раст од 142,2 проценти. Јавниот долг се одржува на ниво согласно поставените правила во новиот Закон за буџети и Мастришките критериуми.

Финансирањето на Буџетот е обезбедено до крајот на годината, потенцирал Бесими.


Признание за ваквите политики, според министерот, се и пристапот до финансии што земјава ги има кај меѓунаордните финансиски институции и банки како што се можноста за пристап до средства преку Програмата за претпазливост и ликвидност на ММФ, средствата од ЕУ за буџетски политики, а се очекуваат средства и од Светска банка за развојните политики и буџетска поддршка од КФВ банката.

На средбите станало збор и за мерките што се преземаат за справување со енергетската и ценовната криза.

– Земјата има во Буџетот обезбедено 225 милиони евра за справување со кризата како и дополнителни средства со извршената прераспределба во Буџетот што беше усвоена во Собранието.

Инфлацијата бележи намалување и тој тренд се очекува да продолжи, се наведува во соопштението од Министерството за финансии. бак/нд/Фото: Министерство за финансии  .

Извор: МИА