Спасовски: Доколку едно од решенијата е да се вработи толкувач за глуви и наглуви лица, МВР стои на располагање


Министерството за внатрешни работи апсолутно дава поддршка за овој дел на инклузивноста на оваа категорија, како и во сите други видови на категории на граѓани коишто имаат попреченост, за да се помогне.


Доколку едно од решенијата е да се вработи толкувач во МВР, секако дека  стоиме на располагање, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на прашањето дали во МВР би се вработиле толкувачи за глуви и наглуви лица и дали има потреба.


Тој во изјава за медиумите по денешниот настан за промовирање на пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“, од страна на Националниот сојуз на глуви и наглуви (НСГНРСМ), рече дека секој граѓанин во државата треба да биде вклучен во сите процеси, за да можат нормално да пристапуваат кон институциите за да можат да си ги бараат и остваруваат своите права.

Во однос на прашањето како би можело едно глуво или наглуво лице да се снајде во МВР ако институцијата нема толкувач, Спасовски одговори дека затоа присуствувал на денешниот настан каде што се промовира проектот за целосен пристап во пријавување на настани и во остварување на права преку дигитална технологија и дека МВР ќе ги преземе сите чекори во согласност со целиот овој проект со цел овозможување на инклузивност на оваа категорија на граѓани.


Националниот сојуз на глуви и наглуви (НСГНРСМ) денеска во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје го промовира пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“.

Со него се предвидува да бидат поставени таблети на повеќе точки во одредени иституции, како што се министерството за внатрешни работи, за здравство и други министерства.


Со ова, повеќе од седум илјади глуви и наглуви лица да можат да остваруваат видео-повици кон сертифицирани толкувачи на знаковен јазик за да помогнат при комуникацијата со институциите и надминување на пречките и недоразбирањата со кои што тие се соочуваат.

 сх/лв/Фото: МИА .


Извор: МИА