Советот за човекови права на ОН го повика Израел на одговорност за можни воени злосторства


Советот за човекови права на Обединетите нации денеска усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.


За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест против резолуцијата, вклучително и САД и Германија, објавија британските медиуми.


Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права со цел да се стави крај на неказнивоста“.

Во резолуцијата се изразува и „голема загриженост поради извештаите за сериозни прекршувања на човековите права и сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително и можни воени злосторства и злосторства против човештвото на окупираната палестинска територија“.


Меирав Ејлон Шахар, постојан претставник на Израел во ОН во Женева, го обвини Советот дека „долго го напушта израелскиот народ и долго го брани Хамас“.

-Според резолуцијата пред вас денеска, Израел нема право да го штити својот народ, додека Хамас има целосно право да убива и мачи невини Израелци, рече таа пред гласањето.


Шахар истакна дека гласот „за“ е глас за Хамас.

САД гласаа против резолуцијата бидејќи не содржи конкретна осуда на Хамас за нападите извршени на 7 октомври, ниту „какво било повикување на терористичката природа на тие акции“.


Сепак, тие изјавија дека Израел не направил доволно за да ги ублажи страдањата на цивилите. -САД постојано го повикуваа Израел да ги прекине воените операции против Хамас. . .

за да се избегнат цивилни жртви и да се осигура дека хуманитарните актери можат безбедно да ја извршуваат својата основна мисија, рече Мишел Тејлор, постојан претставник на САД во Советот.

Според неа, тоа не се случило и за само шест месеци во овој конфликт загинале повеќе хуманитарни работници отколку во која било војна во модерното време.

Советот за човекови права на ОН, кој се состанува неколку пати годишно, е единственото меѓувладино тело дизајнирано да ги штити човековите права ширум светот. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА