Собраниска делегација на Генералното собрание на ИСП во Порто Карас, Република Грција


На јубилејното 30. Генерално собрание на Интерпарламентарно собрание на православието (ИСП) што во периодот од 29. 6 до 2. 7.


2023 година се одржа во Порто Карас, Република Грција, работата беше насочена кон одбележување на триесет години од основањето на оваа парламентарна организација на Православието (1993-2023), а во Декларацијата која беше усвоена акцентот е ставен на новите предизвици на христијанските вредности и перспективи во Европа и во светот.


Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, во работата на оваа конференција учествувала и делегацијата на ИСП од Собранието на Република Северна Македонија, претставувана од пратениците Миле Талевски и Ане Лашкоска.

Во рамки на оваа јубилејна годишна конференцијата главна тема околу која се дебатирало била иднината на Европа и соочувањето со предизвиците кои се пред нас, предизвици предизвикани пред сѐ од воените и економски кризи во Европа.


– Исто така, беше ставен акцент и на досегашната триесетгодишна работа на оваа парламентарна организација од нејзиното основање па до денес, беше нагласена значајната улога кој ја има ИСП во рамките на развојот на парламентарната дипломатија и тоа што денес ИСП вклучува парламентарци од 25 различни земји кои доаѓаат од Европа, Азија, Африка и САД и сите тие придонесуваат за развој на една широка мрежа на комуникација помеѓу разни меѓународни организации и парламенти, како и невладини организации и тела на цивилните општества.

Околу овие теми дебатираа повеќе гости, претставници од универзитети, црковни официјални лица и парламентарци од повеќе земји, се наведува во соопштението.


Во рамки на работниот дел на конференцијата од страна на генералниот секретар Максимус Каракопулос биле презентирани и усвоени тековните и идни активности за наредната 2023-2024 година, а е усвоен и финансискиот извештај за 2022-2023 година.

– Во рамките на состанокот на проширениот состав на Меѓународниот секретаријат се донесе одлука и за избор на нов претседател на ИСП по истекот на мандатот на досегашниот претседател Сергеј Гаврилов.


За нов претседател на ИСП беше предложен и избран од страна на Генералното собрание Евгениуз Чуквин, пратеник од Парламентот на Полска.

Во рамките на ова Собрание, исто така, се формираше и ново работно тело – Комитет за амандманска расправа.

За член на овој Комитет беше избран и пратеникот од Собранието на Република Северна Македонија Миле Талевски, што воедно претставува и наше прво учество во органите и телата на ИСП, се посочува во соопштението.

Се додава дека на Конференцијата е усвоена зедничката Декларација околу предизвиците и новите перспективи, како и промоцијата на христијанските вредности и традиции во модерна Европа и глобалното општество.

мч/црфото: Собрание на РСМ .

Извор: МИА