Шојгу го информирал Путин за оштетениот руски десантен брод, Зеленски изразил благодарност до неговите сили за акцијата


Министерот за одбрана на Русија го информирал претседателот на таа земја Владимир Путин за штетата што ја претрпел руски воен брод при украинскиот напад на Крим, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изразил благодарност до неговите сили за акцијата.


„Министерот за одбрана Сергеј Шојгу го информираше Владимир Путин за нападот на украинската армија врз Феодосија и за штетата што ја претрпе големиот десантен брод Новочеркаск“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.


Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека уништиле брод на руската флота во Црното Море за кој се верува дека превезувал ирански беспилотни летала што Москва ги користела во војната во Украина.

Зеленски изјави дека е благодарен на воздухопловните сили за акцијата на Крим во која беше оштетен рускиот брод.


„Благодарен сум на нашите воздухопловни сили за импресивното додавање на нов брод на руската подморничка флота во Црното Море“, наведе украинскиот лидер на Телеграм.

Украинските сили често вршат напади врз руски воени цели на Крим. Во април 2022 година, рускиот крстосувач „Москва“ беше потопен во напад. паг/Фото: Х .


Извор: МИА