Седница на Уставен суд


Уставниот суд денеска ќе ја одржи 39. седница, на чиј дневен ред се осум иницијативи за оценување уставност и законитост и еден предлог за одлучување по нацрт-одлука.


 Уставните судии ќе дискутираат по иницијативата со која е оспорен член 107 став 2 од Законот за електронски комуникации и член 13, 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13, 14 и 38 во делот „односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ” од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации.


Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото.

Се наведува дека дека корисниците се во нерамноправна положба во однос на операторите бидејќи се овозможува еднострана примена на условите само за операторот, а не и за граѓанинот.


Според наводите претплатникот склучува договор и плаќа, а за возврат добива услуги по наведени цени во договорот иако тие услови може да се променат во секое време без знаење на претплатникот и да му  бидат доделени нови услуги по нови цени под временски обврзувачки договор, а неговото непроизнесување по такво известување значи и прифаќање.

Судиите ќе ја разгледаат и иницијативата со која е оспорен член 250 став 4 од Царинскиот закон.


  Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба е оневозможено поднесување на барање за враќање на неосновано наплатени давачки и кога правниот основ подоцна отпаднал.

Се наведува дека во даночна постапка роковите течат од правосилност на конечниот акт во управната постапка, а не како што предвидува оспорениот член, од денот на известувањето за долгот.


 На дневен ред е и иницијативата со која се оспорува член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување во делот „и најмалку 15 години пензиски стаж”.

Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорената одредба во делот „и најмалку 15 години пензиски стаж” не се обезбедува социјална правда, економска благосостојба и напредок на поединецот, како и дека му е ускратено правото на социјална сигурност и социјално осигурување на вработено лице, од денот на вработувањето.

 Смета дека оспорената одредба ги става граѓаните во нееднаква позиција и со тоа го нарушува владеењето на правото.

 Се наведува дека осигуреникот кој има 14 години и 11 месеци стаж, платениот придонес за задолжително пензиско осигурување е изгубен во целината на пензискиот фонд и со тоа тој осигуреник не остварува право на пензија.

До тој момент осигуреникот целосно ги исполнува обврските што му ги наметнал законот, а штом ќе наполни 64 (маж) и 62 (жена) години, старост, истиот закон го лишува од секое право на пензиско осигурување, наведува подносителот.

 На денешната седница е и иницијативата поднесена за член 4-а став 6 од Законот за градење, поднесена од Aдвокатско друштво Китановски.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член ја ограничува конкуренцијата и претприемништвото како спротивно на одредбите од членот 55 од Уставот гарантираат слобода на пазарот и претприемништвото.

 Пред судиите на дискусија ќе бидат и оспорениот член 25 и 64 од Законот за данок на додадена вредност, Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог, како и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во болничка здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.

77/23).

На дневен ред на седницата е и иницијативата со која е оспорено Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи; уверенија; преписи и копии врз основа на матичните книги: водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги од 29.

05. 2023 година.

Подносителот на иницијативата политичката партија „Левица” смета дека оспореното Упатство е неуставно и спротивно на меѓународните норми и стандарди за заштита на човековите права и дека во ниту една држава во Европа нема таква пракса, да во официјални документи граѓаните се обврзани да ги изразуваат личните чувства на етничка припадност.

Се наведува дека националната припадност на граѓаните е емпириски непроверлив податок и нема како да се докаже, па со тоа е и непотребен податок во изводите.

 Уставните судии ќе дискутираат и по иницијативата со која е оспорен Правилникот за содржината на студиските програми, поднесена од Министерство за правда.

Во иницијативата се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот.

Во иницијативата подносителот наведува дека оспорените акти се неуставни бидејќи со нив е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.

  дма/црФото:МИА архива    .

Извор: МИА