Руското МНР ја прозва американската амбасадорка поради поддршката на три „непожелни“ невладини организации


Руското Министерство за надворешни работи денеска ја повика американската амбасадорка во Москва, Лин Трејси, да престане да дава поддршка на три невладини организации кои се прогласени за „непожелни“ во Русија.


Министерството на својата веб-страница објави дека бара Трејси да престане да дава каква било помош за „Американските совети за меѓународно образование“, „Културни перспективи“ и „Институтот за меѓународно образование“.


Министерството тврди дека со поддршка на Американската амбасада, овие организации спроведуваат антируски програми и проекти насочени кон регрутирање агенти на влијание под маската на образовна и културна размена.

Министерството предупреди дека „обидите за мешање во внатрешните работи на Русија“ ќе бидат „остро и решително потиснати“, вклучително и протерувањето на вработените во американската амбасада кои биле вклучени во такви акции.


ссм/фото: архива .

Извор: МИА