Breaking News

Путин вели дека е отворен за размена на Еван Гершкович од „Вол Стрит Џурнал“ за руски затвореник


– Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека размената на затвореници најверојатно ќе доведе до ослободување на новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Еван Гершкович, но одби да даде временска рамка за договорот и рече дека Гершкович е фатен како врши шпионажа во Русија, пишува „Вол Стрит Џурнал“.


Гершкович е приведен од март 2023 година поради обвинение за шпионажа што тој, весникот и и американската влада жестоко го негираат.


Во двочасовното интервју со поранешниот водител на Фокс Џуз, Такер Карлсон, Путин вели дека се разговара за размена на затвореници меѓу САД и Русија.

Ваквите разговори доведоа до размена во минатото „и веројатно и ова ќе биде крунисано со успех“, рече Путин. – Но, мораме да се договориме, нагласи рускиот претседател.


Путин не кажа кого конкретно Москва го бара за возврат за Гершкович или други американски граѓани кои сега се притворени во Русија.

Но, тој јасно се осврна на рускиот оперативец Вадим Красиков, кој сега отслужува доживотна казна затвор во Германија за застрелување чеченски мигрант во берлинскиот парк во 2019 година.


Путин го нарече Красиков, кого не го ослови по име, „руски патриот“. Кога беше приведен, Гершкович беше акредитиран од Министерството за надворешни работи на Русија да работи како новинар во Русија.

САД го окарактеризираа Гершкович како незаконски притворен, статус што ги обврзува да работат на негово ослободување. САД нагласија дека Гершкович не е шпион и никогаш не работел за владата.


– Охрабрени сме што гледаме желба од Русија за договор што ќе го врати Еван дома и се надеваме дека тоа ќе доведе до негово брзо ослободување и враќање во семејството и нашата редакција, се вели во соопштението на „Вол Стрит Џурнал“.

„Еван е новинар, а новинарството не е криминал. Секое прикажување на спротивното е целосна фикција“, додава весникот.

„Еван беше неправедно уапсен и незаконски е приведен од Русија речиси една година поради вршење на својата работа, а ние продолжуваме да бараме негово итно ослободување“.

– Еван Гершкович воопшто никогаш не требаше да биде приведен. Русија треба веднаш да ги ослободи Еван и Пол Вилан, рече портпаролот на Стејт департментот.

Вилан е поранешен маринец и извршен директор за корпоративна безбедност од Мичиген, кој беше уапсен од шпионските агенции на Кремљ во 2018 година.

Во интервјуто, Путин го одби барањето на Карлсон да го ослободи Гершкович како гест на добра волја.

Путин рече дека „нема никаква смисла да се држи во затвор во Русија“, но оти е на САД да го олеснат неговото ослободување. – И јас сакам најпосле да се врати во татковината.

Апсолутно сум искрен“, рече Путин. „Но, дозволете ми да кажам уште еднаш: дијалогот продолжува. Колку повеќе јавно ги објавуваме овие работи од ваква природа, толку е потешко да се решат.

Сè треба да се направи на мирен начин“.

Уште една американска новинарка, Алсу Курмашева, која има двојно американско-руско државјанство и е новинар на Радио Слободна Европа со седиште во Прага, беше приведена во октомври, а потоа обвинета за непријавување како странски агент.

Таа, исто така, се соочува со обвинение дека ширела лажни информации за руската војска, соопшти нејзината компанија. јт/Фото: „Вол Стрит Џурнал“ скриншот .

Извор: МИА