Breaking News

Промоција на изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ


– Во Музејот на македонската борба денеска издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го промовира изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.


 Во промотивниот дел ќе учествуваат универзитетската професорка и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, во улога на промотор, уредничката на изданието Бисера Бендевска, како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.


 Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф.

 Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време.


Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.


 Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар.

По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии.


Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.

), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн. ).

Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.

), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.  Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е достапна во книжарниците на „Литература.

мк“ и онлајн на интернет-продавницата „Литература. мк“. свс/са/Фото: Принтскрин .

Извор: МИА