ПроГлас бара нови избори во Србија и повикува на мирен протест


– Иницијативата „ПроГлас“ одржа прес-конференција во Белград на која побара повторување на парламентарните, локалните и покраинските избори во Србија и повикува на протест в сабота.


– Бараме да се одржат нови парламентарни, покраински и локални избори во цела Србија во рок од шест месеци по процес на темелна промена на изборните услови, рече актерката Светлана Бојковиќ читајќи ја изјавата со која ПроГлас бара нови избори.


Таа додаде дека „ПроГлас“ ги повикува граѓаните на мирен протест в сабота на 30 декември во 12 часот.

„ПроГлас“ им дава целосна поддршка на студентите, ги осудуваат нападите врз институции како и прекумерната употреба на сила, а оние кои штрајкуваат со глад ги повикува да не си наштетуваат на здравјето.


Бојковиќ рече дека „ПроГлас“ пред изборите ги повикуваше граѓаните да излезат сметајќи дека масовната излезност може да ги неутрализира ефектите од изборните нерегуларности, но и да помогне во собирањето докази за нив.

– Вкупниот ангажман, не само на гласачите, туку и на рекордниот број контролори, помогна во соработка со домашни и странски набљудувачи да се соберат голем број докази за драстични нерегуларности и изборен инженеринг, рече таа.


Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ изјави дека „ПроГлас“ инсистира собирот в сабота да биде мирен и да нема инциденти.

– Ова е мирен собир на кој се повикуваат сите што мислат дека на овие избори не е испочитувана нивната волја, рече тој.


Академик Владица Цветковиќ потсети дека иницијаторите на „ПроГлас“ се собрале како загрижени граѓани, а сега се „уште позагрижени“.

– Сега, како повеќе загрижени, повторно повикуваме на мирни протести, рече тој. јт/Фото: Скриншот .

Извор: МИА