Breaking News

Претседателските избори во Индонезија завршија, министерот за одбрана Прабово води на анкетите


Гласањето на претседателските избори во Индонезија заврши денеска и во текот на денот може да се очекуваат неофицијални резултати, а официјалните резултати ќе бидат познати за еден месец.


Водечкиот кандидат во предизборните анкети, министерот за одбрана Прабово Субианто, е единствениот кандидат кој бил политички активен за време на режимот на поранешниот диктатор Сухарто.


Тој е и најстариот претседателски кандидат и има 72 години, а на претходните два избори загуби од актуелниот претседател Џоко Видодо, кој во моментов го извршува последниот од двата дозволени мандати.

Субианто, поранешен генерал-полковник кој се оженил со една од ќерките на Сухарто, бил долгогодишен командант на специјалните сили на војската, наречени Копасус.


Разрешен е во 1998 година, откако силите на Копасус ги киднапираа и мачеа политичките противници на Сухарто.

Таа година беа киднапирани најмалку 22 лица, од кои 13 политички активисти се уште се водат како исчезнати, а нивните семејства протестираат пред претседателската палата еднаш неделно.


Субианто никогаш не се нашол пред суд и жестоко негираше каква било вмешаност, иако неколку негови подредени беа осудени за злосторства извршени за време на диктатурата на Сухарто.

Тој вети дека ќе отвори речиси 20 милиони работни места за време на неговиот прв мандат доколку биде избран.


Двајца поранешни провинциски гувернери, Ањеш Басведан и Гањар Праново, исто така беа на гласачкото ливче. Басведан, поранешен шеф на исламски универзитет, беше гувернер на Џакарта до минатата година.

Тој беше министер за образование и култура од 2014 до 2016 година, кога Видодо го отстрани од кабинетот откако го обвини дека не ги решил проблемите на илјадници ученици погодени од шумските пожари.

Праново е кандидат на владејачката партија, но ја нема поддршката од Видодо, а како гувернер одби да му дозволи на Израел да учествува на Светското првенство во фудбал за играчи до 20 години што се одржува во неговата провинција, по што ФИФА го смени домаќинот на игрите.

Под Видодо, Индонезија имаше период на значителен економски раст, во просек од 5 проценти годишно, освен во 2020 година, кога економијата пропадна поради пандемијата на коронавирус.

Неговиот економски план наречен „Златна Индонезија 2045“ предвидува Индонезија да стане една од петте најсилни економии во светот со БДП до 9 трилиони долари.

Доколку ниту еден од тројцата кандидати не добие мнозинство, вториот круг од изборите ќе се одржи во јуни. Избирачките места на архипелагот, кој зафаќа 5.

000 квадратни километри и опфаќа три временски зони, беа отворени само шест часа, до 13 часот по локално време.

Покрај претседателот,  205 милиони индонезиски гласачи во ист ден треба да изберат 580 пратеници и 20. 000 регионални и локални претставници. Гласањето се одвиваше на 800. 000 избирачки места.

Непосредно пред отворањето на гласачките места во Џакарта, метропола со 30 милиони жители, падна силен дожд и поплави некои делови од градот, а претходно изборната комисија извести дека поради поплави гласањето може да биде одложено во десет села во Јава.

Првите показатели за изборните резултати се очекуваат денеска врз основа на примерок од гласови, односно таканареченото „брзо пребројување“.

На претходните избори неофицијалното пребројување на гласовите се покажа точно. паг/Фото: ЕПА .

Извор: МИА