Прескер: Северна Македонија е многу важна за Словенија


Северна Македонија е многу важна за Словенија која е една од поголемите партнери донатори кога е во прашање Северна Македонија за развојна соработка.


Ова го истакна денеска во изјава за МИА, словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, додавајќи дека во изминатите години било вложувано во различни проекти.


Амбасадорот, кој присуствуваше на информативен настан за отворениот повик за кофинансирање на развојни проекти во рамки на билатералната развојна соработка, подвлече дека соработката меѓу двете држави е многу добра и дека ќе продолжи поддршката од Словенија.

Отворениот повик за кофинансирање на развојни проекти е објавен од страна на Центарот за меѓународна соработка и развој на Словенија, во организација на Секретаријатот за европски прашања и Амбасадата на Република Словенија.


Според директорот на Центарот за меѓународна соработка и развој на Словенија, Дејан Прешичек, овој настан е многу важен за соработка меѓу двете држави.

– Се надевам дека ќе најдеме проекти, за кои ќе можеме да помогнеме да се реализираат.


Можеме да кофинансираме инфраструктурни проекти, зелени трансформации, енергетика, образование, дигитализација, проекти за развој, проекти што би помогнале луѓето подобро да живеат, појасни Прешичек за МИА.

Дваесетина претставници на различни општини денеска на информативниот настан се информираат околу деталите.


Може да се добие и техничка помош со експерти, за поддршка на институции, во приближувањето кон Европската Унија. бд/бак/Фото: МИА .

Извор: МИА