Breaking News

Премиерот Ковачевски на увид на реконструкцијата на системот за водоснабдување во Општина Богданци


Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и градоначалникот Блаже Шапов, денеска беше на увид на отпочнување на реконструкцијата на системот за водоснабдување во Општина Богданци, кој, како што рече, е исклучително важен проект за оваа општина со што ќе се обезбеди здрава вода за пиење, намалување на финансиските загуби и воведување на високи стандарди за управување со водите во Богданци.


-Со овој проект старата дотраена мрежа со азбестни цевки ќе биде заменета со нови, флексибилни, модерни цевки со што ќе овозможи квалитетна вода за пиење на жителите од овој регион.


Предвидено е замената на цевките да се одвива на вкупно 179 краци и да се обезбеди приклучок до секое домаќинство или објект, но и замена на постоечките водомери со современи мерни инструменти.

Она што сакам да истакнам е дека ова е еден од најголемите инфраструктурни проекти за водоснабдување што е целосно финансиран со домашни, буџетски средства, а во неговата имплементација вклучуваме модерни технологии, истакна Ковачевски.


Додаде дека водоводната мрежа ќе се реконструира и обнови со повеќегодишна јавна набавка во износ од над 4 милиони евра, кои етапно во наредните три години ќе се наменат за оваа цел.

-Дополнителна вредност на проектот е што парите повторно ќе се вратат назад, во домашните компании бидејќи во изведбата на градежните работи се вклучени домашни компании, меѓу кои и локолната фирма од овој регион од која ќе се набават цевките за водоводната мрежа, подвлече премиерот Ковачевски.


Потенцираше дека во областа на животна средина се реализирани или во тек е реализација на околу 40 проекти и уште околу 10 проекти се во фаза на тендерска постапка за изградба, реконструкција или рехабилитација на водоводни и канализацискии мрежи низ целата наша држава.

-Минатата 2022 година, како што знаете, ја заокруживме со 465 милиони евра капитални инвестиции, што е највисок процент на реализирани капитални инвестиции, речиси 90 проценти од планираното-тоа е највисок остварен процент во споредба со претходните 10 години, подвлече претседателот на македонскат влада.


На крајот од своето обраќање посочи дека се вложува во сектори кои со години биле запоставени, како што е патната инфраструктура, а паралелно со тоа, се прави крупен исчекор и со обезбедување на нови, модерни водоводни мрежи со коишто се носи квалитетна и чиста вода за пиење до секој дом.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, рече дека изградбата на оваа инфраструктура во Богданци носи повеќекратни бенефити.

-Со проекти како што е овој во Богданци, градиме инфраструктура која е директно поврзана со обезбедување на квалитетен живот за граѓаните.

Бенефитите се повеќекратни: модерен систем за водоснабдување, чиста вода за над 5.

000 жители за овој регион, замена на старите азбестни цевки, спречување на загуба на вода во системот, што значи заштеда на финансии и за домаќинствата и за општината, и најпосле и вклучување на домашникомпании со што се развива домашната економија и се отвораат нови работни места, истакна министерката Шукова.

Таа најави дека е започнато формирање на проектна канцеларија за реализација на втората транша од заемот од Европската инвестициона банка за водоснабдување и одведување и пречистување на отпадни води, при што средствата ќе бидат достапни за сите општини во државата и ќе се распределуваат согласно востановена методологија.

Градоначалникот на Oпштина Богданци, Блаже Шапов, за овој проект рече дека е капитален и е корисен за жителите на Богданци.

-Здравствените ризици, недостигот од вода во одредени зони во градот, честите дефекти и загуби на вода, непостоење на подземен катастар се причините заради кои се одлучивме на реконструкција на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во Богданци.

Ваквите капитални проекти освен што ги задоволуваат потребите на граѓаните создаваат услови за раст на локалната економија, рече Шапов. рт/нд/Фото: МИА .

Извор: МИА