Breaking News

Предлог законите за коридорите утре на пленарна седница, продолжува дебатата за употребата на европското знаменце


Предлог – измените на петте закони што се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10 д, на кои Владата во петокот им стави европско знаменце, утре ќе се најдат на собраниска седница.


За власта употребата на европското знаменце на овие закони е оправдано, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека се работи за злоупотреба.


Од Делегацијата на Европската Унија во државава веќе се изјаснија дека употребата на европското знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата и најавија дека ќе бараат дополнително објаснување.

Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.


Доколку утре на пленарна седница го поминат првиот филтер за потребата од скратена постапка, измените на петте закони најверојатно експресно ќе се најдат и на собраниската Комисија за европски прашања.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми вели дека законите ќе се најдат на дневен ред пред пратениците во среда, кога треба да се изгласа потребата од нивно донесување, а потоа ќе треба да помина и на Комисијата за европски прашања каде што тој е претседател.


 – Ако на пленарна седница мнозинството на пратениците ќе одлучат да бидат разгледани овие предлог-закони, секако дека веднаш би свикал седница на Комисијата, рече Адеми.

Според пратеникот на СДСМ, Миле Талески, со предлог-законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.


-На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проект, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично.

Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ.

Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10д, рече Талевски.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика Канцеларијата на Европската комисија и амбасадите на земјите од ЕУ да се произнесат за ова и уште еднаш упати апел до премиерот Димитар Ковачевски да прифати јавна дебата за да ги соочат аргументите околу суштината на договорот за коридорите.

-Јас денеска нема да го коментирам ова. Ќе оставам од Канцеларијата на ЕК тоа да биде искоментирано во текот на денешниот ден.

Ако тоа не се случи, од утре ќе отвориме јавна дебата и по ова прашање зашто верзиите што ги видовме, во делот пет, кој вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува законот, во овие предлози е празен.

Ја повикувам Канцеларијата на ЕК и амбасадите на заемјите од ЕУ да се произнесат денеска за ова што го направи Владата на ДУИ и СДСМ, истакна вчера Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата во Сојузот на стопански комори (ССК).

Со став во врска со предложените измени на законите со европско знаменце од Делегацијата на Европската Унија излегоа во петокот, посочувајќи дека тие не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.

-Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ.

Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања.

Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда за ЕУ.

Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом, рекоа од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ од политички аспект ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д има основа, а тоа е успешна изградба на овие автопати и комплетирање на трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија.

Маричиќ вчера укажа дека се во редовна комуникација со Европската Унија и им објасниле зошто го прават тоа.

-Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија.

Сметаме дека тоа е нелегитимна блокада која ние на легитимен начин со инструмент кој ни е на располагање сакаме да ја заобиколиме и за тоа имаме основа и политичка оправданост, истакна Маричиќ.

Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некое европско аки, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај.

Договорот за изградба на четирите автопатски делници на коридорите 8 и 10д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ почна да се применува на 22 минатиот месец.

Министерството за транспорт и врски веќе му префрли 117. 000.

000 евра на Јавно претпријатие за државни патишта преку кое се исплаќаат парите на изведувачот, согласно програмата за овој проект за годинава.

  Тие пари се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите.

  За 12 мај е закажан настан за официјализирање на работите за изградба на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д, а претходнио таков настан се одржа и за делниците на Коридорот 8.

  дма/вг/ Фото:МИА архива  .

Извор: МИА