Breaking News

Потпишан Договорот за подготовка на активностите за изградба на откупните центри во Струмица и во Ресен


Договор вреден 499. 890 евра е потпишан денеска меѓу Владата и консултантското партнерство составено од Globaltec Desarrollos e ingenieria S. A (Глобалтек Десаролос), COLENCO Ltd.


(КОЛЕНКО ДООЕЛ), NEW VISION Ltd. (Нју Вижен ДОО), и BUREAU OF URBAN PLANNING BITOLA Ltd.


(Биро за Урбанизам Битола ДООЕЛ), за подготовка на активностите за изградба на откупните центри во Струмица и во Ресен. Договорот е поделен во три фази.

Првата, како што беше речено пред потпишувањето, се фокусира на избор на соодветна локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, втората фаза вклучува подготовка на главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, додека третата предвидува консултантското партнерство да обезбеди техничка помош при спроведувањето на постапката за избор на градежни компании за изградба на двата откупни центра.


-Денес е голем ден за македонското земјоделство. По децении, почнува постапката за изградба на откупни центри во Струмица и Ресен.

Тоа ќе значи сигурен откуп кој нема да зависи од временските и климатските услови, туку единствено од трудот на земјоделците, истакна премиерот Димитар Ковачевски.


Тој потсети дека средствата во износ од околу 12 милиони евра за развој и изградба на двата откупно-дистрибутивни центра, се обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството кој се финансира со заем од Светска банка во износ од 46 милиони евра.

Со двата откупно-дистрибутивни центра кои ќе бидат поврзани со логистичко-дистрибутивната платформа лоцирана во околината на Скопје, ќе се воспостави националниот систем за дистрибуција на храна со што ќе се обезбедат услови за подобрување на безбедноста и квалитетот на храната во согласност со меѓународните стандарди, услови за подобрување на конкурентноста на синџирот на вредност на јаболката преку квалитетно сортирање, класифицирање и пакување,  како и услови за подобрување на агрегацијата и хоризонталната интеграција на малите сопственици за поголема моќ за преговарање на пазарот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.


Претставниците на консултантското партнерство најавија најсовремена технологија и енергетска одржливост во рамки на проектот за откупните центри, а целта е, како што рекоа, поголема конкурентност на земјоделскиот сектор.

мч/нд/ .

Извор: МИА