Breaking News

Почнува со работа Македонската берза за електрична енергија, првиот договор со ЕДС АД


Македонската берза за електрична енергија почнува да функционира од утре, а првиот договор за откуп на енергија индексиран кон MEMO DAM индексот е склучен со компанијата ЕДС АД.


 Од ЕДС соопштија дека ќе бидат меѓу првите компании трговци со електрична енергија која што ќе обезбедува електрична енергија за своите клиенти преку берзата оценувајќи дека ова е значаен момент за македонскиот пазар на електрична енергија и за нив како компанија.


-Особено сме задоволни што го преземавме овој важен чекор и очекуваме преку интензивна работа да градиме плодна соработка со Македонската берза за електрична енергија и преку неа да обезбедуваме сигурно и исплатливо снабдување со електрична енергија за нашите клиенти, наведуваат во соопштение од компанијата.

Македонската берза на електрична енергија  ќе биде имплементирана и водена од Националниот оператор на пазар на електрична енергија -МЕМО ДООЕЛ-Сопје.


На почетокот берзата на електрична енергија  ќе се одвива во границите на земјава се додека не се реализира првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи.

На берзата ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на учесници на пазарот на електрочна енергија, кој го води МЕМО ДООЕЛ-Скопје како оператор на пазарот.


Нивниот старт со работа на организираниот пазар на електрична енергија, пазар ден-однапред, како што порачуваат во најавата за настанот,  е исклучително важно постигнување за државава со кое се воспоставува модерен пазар на електрична енергија и се подобрува инвестициската клима за обновливи извори на енергија.

Според најавите, на промоцијата утре ќе биде презентирано како со пазарот ден-однапред се обезбедува конкуренција за постигнување оптимални цени на електричната енергија, подобрување на користењето на енергетската мрежа и обезбедување на дополнителни можности за инвестиции во областа на обновливи извори на енергија.


лв/ац/Фото: ЕДС  .

Извор: МИА