Breaking News

Почна изградбата на обиколницата на Тетово


Обиколницата на Тетово која почна да се гради денеска со поставување камен-темелник ќе биде можност возилата од автопатот наместо да влегуваат во градот преку делницата Требош до Непроштено да продолжат на регионалниот пат од Тетово-Јажинце во правец кон Косово.


За да се изгради оваа делница од 5,4 километри ќе се потрошат над 12,2 милиони евра.


Техничкиот премиер и министрите кои присуствуваа на поставувањето камен-темелник потенцираа дека оваа Влада инвестира рекордни средства за инфраструктура.

– Започнавме со реализација на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја, изградбата на Коридорот8 и Коридорот 10-д, европски коридори кои ќе нè поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар.


Овие неколку години изградивме и рехабилитиравме 1400 километри патна мрежа, само во патната инфрасктура вложивме преку 2 милијарди евра, истакна премиерот Џафери.

Според министерот Благој Бочварски, инвестициите во инфраструктурата се значајни бидејќи тие проекти носат бенефит за граѓаните, за бизнис секторот, носат европска иднина за Северна Македонија.


– Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растовариме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата.

Оваа инвестиција од преку 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати кои се поврзани со овие општини, посочи Бочварски.


Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека има голема разлика од пред пет години во висината на вложените средства за инфраструктура.

– Пред 2019 годиина инвестициите во инфраструктурата беа под 300 милиони евра, сега годинава се над 735 милиони евра, рече Бесими.

За оваа обиколница средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта ЈПДП како дел од годишната инвестициска програма.

– Предвидено е да се изградат 5,4 километри пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6. 60 метри.

Од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од околу три метри, информира директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми.

Обилколницата ќе ја поврзе Општина Теарце со автопатот и коридорот 8.

– Нашата општина добива капитална инвестиција која ќе биде прилика за подобрување на економските можности, рече градоначалникот Нухи Незири.

На новинарските прашања до техничкиот премиер зошто наместо за избори како претседател на Влада се ангажира за капитален проект, Џафери рече дека тие што живеат во Тетово и во околината најдобри ја знаат важноста за проектот.

А во однос на изборите една од обврските на Владата е да организира избори, не е само единствена обврска.

Така што во тој контекст Владата ги има сите надлежности по однос на законот и Уставот и со тоа ќе ги исполни сите активности и надлежности, згора на тоа и обврските коишто произлегуваат за организирање и спроведување на изборите, истакна Џафери.

Обиколницата треба да се направи за 15 месеци, како првата фаза за реализација на проектот, а со втората фаза е предвидена изградба на клучката Требош за што е почнато проектирање.

Обиколницата ќе ја гради ГП „Гранит“, а воедно почнат е и процесот за експропријација. ас/са/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА