Breaking News

Отворени избирачките места за претседателските, парламентарните и локалните избори во Индонезија


Гласачките места за претседателските, парламентарните и локалните избори во Индонезија се отворени во 7 часот по локално време, а речиси 205 милиони индонезиски гласачи ќе можат да гласаат на приближно 800.


000 избирачки места. Поранешниот генерал Прабово Субианто, актуелен министер за одбрана, е фаворит во трката за наследник на актуелниот претседател Јоко Видодо, кој е на власт десет години.


Како што пренесуват медиумите, 72-годишниот поранешен генерал, иако беше обвинет за кршење на човековите права за време на диктатурата Сухарто кон крајот на 1990-тите, може да победи уште во првиот круг.

Последните анкети му дадоа значително водство од речиси 52 отсто пред поранешниот гувернер на Џакарта, Аниес Басведан и поранешниот гувернер на Јава, Ганџар Праново, кои се речиси изедначени на второто место со 27 и 31 отсто.


Доколку ниту еден од тројцата кандидати не добие мнозинство, вториот круг од изборите ќе се одржи во јуни.

„Ќе се бориме да донесеме просперитет за сите Индонезијци“, вети Субианто на последниот митинг во саботата. „Ќе го продолжиме она што го градеа претходните претседатели“, додаде тој.


Избирачките места на архипелагот, кој зафаќа 5. 000 квадратни километри и опфаќа три временски зони, ќе останат отворени само шест часа, до 13 часот по локално време.

Покрај претседателот, Индонезија во ист ден треба да избере 580 пратеници и 20. 000 регионални и локални претставници.


Непосредно пред отворањето на гласачките места во Џакарта, метропола со 30 милиони жители, падна силен дожд и поплави некои делови од градот, а претходно изборната комисија извести дека поради поплави гласањето може да биде одложено во десет села во Јава.

Првите показатели за изборните резултати се очекуваат денеска врз основа на примерок од гласови, односно таканареченото „брзо пребројување“.

На претходните избори неофицијалното пребројување на гласовите се покажа точно. паг/Фото: ЕПА   .

Извор: МИА