Breaking News

Од одобренија за градба во општинската каса во Гостивар во 2023 над еден милион евра


– Општина Гостивар минатата година издала 197 одобренија за градба и остварила приход од околу еден милион евра, информираат од Секторот за урбанизам.


Според обемот на издадени дозволи гостиварските урбанисти се на првото место во Полошко и меѓу „топ-три“ на ниво на држава.


Раководителот на Секторот за урбанизам, сообраќај, комунални дејности и заштита на животна средина Семир Зулбеари при презентацијата на годишниот извештај за завршени работи во минатата година посочи дека најголемиот број на дозволи се однесуваат за изградба на семејни куќи.

– Најголемиот дел од дозволите, 156 се за градби во градското подрачје, а триесетина во поголемите села како Балиндол, Дебреше, Горна и Долна Бањица.


Одобренија за колективни згради се 18, а 22 се инфраструктурни објекти. Останатите се однесуваат на доградби, пренамени и адаптации.

Од пристигнатите 228, триесетина барања се одбиени, рече Зулбеари.


Од поважните активности кои се завршени успешно е процесот на легализација и впишување во сопственост на општината на објекти како што се спортска сала „Младост“, интернатот, административната зграда на ЈП „Комуналец“ и седиштето на локалната самоуправа за кои, како што рече, е добиен имотен лист.

Зулбеари посочи дека минатата година околу дополнителни 100 илјади евра се слеале во општинската каса по основ на завршени предмети за легализација на дивоградби.


Локалната власт предвидела и урбанизирање на периферијата на градот.

Во тек е постапка за изработка на три ДУП-ови за блоковите 15, 24 и 25, за кои, како што рече првиот човек на гостиварскиот сектор за урбанизам досега ги немало или биле стари повеќе децении.

Пред одобрување или во завршна фаза се и ДУП-вите за блоковите 31 и 16. згм/мд/фото: МИА .

Извор: МИА