Обама во Берлин се сретна со канцеларот Шолц и поранешната канцерка Меркел, вечерва ќе одржи мотивациски говор пред 17.000 лица


Поранешниот американски претседател Барак Обама се наоѓа во посета на Берлин, каде во денеска се сретна со актуелниот канцелар Олаф Шолц и поранешната канцеларка Ангела Меркел.


„Поранешниот американски претседател Барак Обама и германскиот канцелар Олаф Шолц се сретнаа на заеднички ручек во канцеларијата на канцеларот“, објавија германските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до германската Влада.


Нема официјално соопштение за настанот. Обама вчеравечер се сретна со поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, соопшти денеска кабинетот на поранешната канцеларка.

Според весникот „Билд“, Обама и Меркел ја поминале вечерта во италијански ресторан во Берлин. Обама е во Берлин за вечерва да одржи говор пред околу 17. 000 гледачи во една мултифункционална сала.


Според информациите на организаторите на предавањето, поранешниот американски претседател во текот на својот говор треба да испрати „порака за позитивни и одржливи промени“.

Според истите информации, билетите за овој говор биле брзо распродадени, а нивната цена се движела од 61 до 550 евра.


Барак Обама, кој беше претседател на САД од 2009 до 2017 година, за време на неговиот мандат  одржуваше пријателски врски со тогашната канцеларка Меркел.

Пред Обама да дојде на власт, односите меѓу нив беа затегнати бидејќи Меркел не му дозволи на идниот американски претседател да одржи говор пред Бранденбуршката порта за време на неговата изборна кампања.


сд/ Извор: МИА.