Breaking News

МЖСПП: Почнува изработката на Акциски план за кафеавата мечка


Иницијална работилница за изработка на Акциски план за управување со кафеавата мечка за територијата на нашата држава денеска одржало Министерството за животната средина и просторно планирање.


Целта на работилницата, како што соопшти МЖСПП, била да се споделат информации за процесот на подготовка на Акциски план за кафеавата мечка во Северна Македонија и да се слушнат ставовите на засегнатите страни уште во раната фаза на неговата изработка.


-Настанот беше подржан и од реномирани експерти од Хрватска кои ги споделија искуствата за управување со мечките во земјите од ЕУ, како и од национални експерти кои ги презентираа податоците за состојбата на кафеавите мечки во нашата држава, наведува Министерството.

Во соопштението се посочува дека потребата од изработка на ваков акциски план е неодложна откако „неодамна се соочивме со предизвици поврзани со симнувањето на мечките во населени места и вознемирување на локалното население“.


МЖСПП додава и дека е искористена можноста оваа активност да се реализира преку имплементацијата на ИПА 2 проектот „Зајакнување на капацитетите за Натура 2000 и ЦИТЕС“ во кој една од активностите е „Изработка на акциски планови за живеалишта и видови“.

На настанот присуствувале претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за животна средина, Факултетот за ветеринарство, ЈП Национални шуми, претставници од националните паркови и заштитените подрачја, ловечки здруженија, невладини организации и други институции и организации од државата кои работат со оваа проблематика.


хс/бак/Фото: МЖСПП  .

Извор: МИА