Мицкоски: Нема да има уставни измени по бугарски диктат, сите 44 пратеници се како едно


Сите 44 пратеници се сложни како едно.


Нема да прифатиме уставни измени по бугарски диктат и за тоа не треба да има никој дилема, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќање на одбележување на чествување на 102 година од смртта на Ѓорче Петров.


 Мицкоски рече дека следните избори се суштински за иднината на земјава и оти на нив пред граѓаните ќе има три опции.

 -Првата опција ќе биде оваа, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Втора опција ќе биде коалицијата која ќе ја предводи Али Ахмети, ДУИ, а која ќе ја поддржува СДС.


Трета опција се оние кои ќе ви зборуваат тоа што сакате да слушнете, кои ќе кажуваат она кое мислите дека е исправно, а тие ни од далеку не може да го испорачаат, рече Мицкоски.

Тоа, според него, се платени патриоти и лажни популисти „кои откако ќе ги излажат граѓаните ќе ги бројат жолтиците кои Али Ахмети и ДУИ им ги имаат избројано“.


– Се со цел да ги разделат антивладините гласови, да ги разделат гласачите кои не се сложуваат со политиките на оваа влада, за да може коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да биде помала и да може утре да бидеме тие кои ќе прават компромиси при формирање на идната влада, а не сакаме да ги правиме како компромиси, рече Мицкоски.

Го повика члнеството и симпатизерите дека одговорноста е на сите и дека секој еден глас е важен и затоа потребна е масовност.


 – На следните избори ќе заокружувате за Македонија или ако останете дома за коалицијата на ДУИ поддржана од СДС, тогаш не за Македонија. Нема друга опција.

Или ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата или ДУИ, Али Ахмети поддржан од Димитар Ковачевски и тоа што ќе остане од СДС, рече Мицкоски.

Упати порака и до сите членови и симпатизери на СДСМ кои не се согласуваат со политиките на нивната партија да им се придружат и на следните парламентарни избори да застанат со, како што вели, вистинската опција, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

 – Секој граѓанин во Македонија го повикуваме да застане околу македонското национално единство.

Нашата партија е демократска партија за македонско национално единство, само така ќе дојдеме до мнозинство во Парламентот, до реформски политики за подобро здравство, за образование какво што нашите најмили кои што ги гледав денеска го заслужуваат, за пензионерите кои што ќе имаат достоинствен пензионерски живот, за младите не да ни се селат туку да ни останат овдека, за невработените да најдат достоинствена работа, за вработените да имаат подобри примања, за Македонија да има повеќе, нагласи Мицкоски.

ев/вг/  .

Извор: МИА