Breaking News

Кузеска: Во тек е постапката за избор на кандидат за претседател на државата и кандидати на пратеници од редовите на СДСМ


Започна постапката за избор на кандидат за претседател на државата од редовите на СДСМ, како и утврдувањето на кандидати за пратеници во македонското Собрание, соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.


Кузеска посочи дека во тек е евидентирањето кандидати за пратеници во рамки на месните одбори во општинските организации на СДСМ, и додаде дека потоа постапката продолжува на ниво на локалните раководства, Извршниот одбор, Централниот одбор на СДСМ и Конгресот.


Истакна дека СДСМ отвора јавен повик за самокандидирање на кандидати за пратеници, и како што рече, партијата отвора можност за луѓе кои не се дел од СДСМ, но ги делат социјалдемократските вредности.

На овој начин, вели Кузеска, во една демократска и транспарентна постапка СДСМ ги избира најдобрите кандидати за пратеници во шесте изборни единици.


-Сите кандидати на СДСМ мора да ги исполнуваат највисоките критериуми, да уживаат висок углед и кредибилитет меѓу граѓаните, да ја има поддршката од сите етнички заедници.

Мора да се обврзат на неуморна работа за граѓаните и европската иднина на државата и да го почитуваат Етичкиот кодекс на СДСМ.


Пратениците се избраници на народот, претставници на граѓаните, но и чувари на демократијата, стои во соопштението на СДСМ, рече Кузеска.

Во одговор на новинарско прашање Кузеска вели дека изминатиов период се изнаслушале различни хаотични и неконзистентни ставови од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.


-Еднаш кажуваат дека нема да учествуваат, го спореа и Талат Џафери како премиер на техничката Влада, кажуваа дека немало потреба од техничка Влада за сега да слушнеме дека ќе бидат дел од техничката Влада.

Морам да кажам дека добро е тоа, добро е што прифатија да ја испочитуваат законската обврска, но и улогата и обврската што ја имаат како опозиција.

Овие 100 дена на ДПМНЕ во техничката Влада ќе бидат единствената можност да бидат на власт и добро е да им ја даваме оваа можност на секои 4 години, рече Кузеска. ра/дма/Фото: СДСМ  .

Извор: МИА