Breaking News

Конститутивен состанок на Советот НАТО-Украина во Вилнус, Ковачевски Самитот го оцени како уникатна можност за демонстрирање на единството на членките


– Конститутивен состанок на Советот НАТО-Украина ќе се одржи денеска на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, што е една од трите мерки, кои сојузниците, ги усвоија вчера на првата сесија на Севронатланскиот совет на највисоко ниво во пакетот за приближување на Украина кон Алијансата.


На Самитот во главниот град на Литванија, како што јави известувачот на МИА од Вилнус, делегацијата на Северна Македонија ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера оцени дека ова е исклучително важен состанок, кој доаѓа во важен момент кога практично се води војна во Украина.


Во состав на делегацијата се и министрите за одбрана и за надворешни работи Славјанка Петровска и Бујар Османи.

За денеска е предвидена и втората сесија на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади со Шведска, партнерите од Индо-Пацификот и ЕУ.


– Го започнавме првиот состанок на Северноатлантскиот совет, на кој разговараме за стратегиски концепт за унапредување на одбранбените капацитети и за модернизација на одбраната.

Тема на состанокот е и зајакнувањето на отпорноста на членките на НАТО кон растечките кибер закани.


Самитот на НАТО е уникатна можност за сите сојузници да ја покажеме силата и обединетоста во однос на нашите тековни и идни задачи, објави вчера Ковачевски на Фејсбук.

 Првиот ден на Самитот мина во светлото на прашањето за натамошниот пат на Украина кон НАТО, на очекувањата за полноправното членство на Шведска во Алијансата, откако по средбата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристершон завчера, Ердгоган се заложи дека турскиот Парламент што е можно поскоро ќе го ратификува протоколот за шведското пристапување, но и со фокус на потребата од зголемување на трошоците за одбраната на земјите членки.


 Пакет од три елементи е договорен за приближување на Украина кон НАТО – восоставување на Советот НАТО-Украина, зголемување на интероперабилноста на украинските вооружени сили со силите на Алијансата и укинување на Акцискиот план за членство, со што процесот за приближување на Украина би се намалил од две на една фаза.

 Сојузниците во заклучоците испратија јасна порака дека го поддржуваат членството на Украина во НАТО, но покана ќе испратат коа ќе се создадат услови за тоа, што пак беше забелешка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека нема јасна временска рамка ниту за поканата, ниту за членството.

Генералниот секретар на НАТО порача дека клучна задача е Украина да опстои како независна и суверена држава во Европа и затоа е неопходно испраќање воена поддршка, бидејќи „ако не можеме да ја заштитиме како демократска европска земја, тогаш нема да може да стане воопшто збор за нејзино членство во Алијансата“.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека се согласил со „предложената формулација за можноста Украина во иднина да се приклучи на НАТО“.

– Се согласуваме со формулацијата што ја предложивме – а вие во однос на иднината на Украина предложивте да може да се приклучи на НАТО, рече Бајден во кусата изјава заедно со генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг вчера го појасни и пакетот за Украина, нагласувајќи дека тоа е силен пакет и јасен пат напред кон членството во НАТО.

-Најпрво нова повеќегодишна програма за Украина, за да се овозможи транцизијата од советската ера кон НАТО стандардите, доктрини и обуки.

Да се обезбеди обновата на украинскиот безбедносен сектор и да се покријат критичните потреби како гориво, опрема за деминирање и медицински средства.

Второ, новиот  Совет НАТО-Украина, форум за консултација за кризи и носење одлуки. И со нетрпение го чекам инаугуративниот состанок утре со претседателот Зеленски.

Трето, ја реафирмираме заложбата дека Украина ќе стане членка на НАТО и се согласивме да ја отстраниме потребата на МАП.

Ова ќе го смени патот на Украина од процес во две фази, во процес во една фаза.

Исто така се согласивме дека ќе испратиме покана до Украина за приклучување кон НАТО, кога сојузниците ќе се согласат дека се исполнети условите, изјави вчера Столтенберг на прес-конференцијата, по завршувањето на првата сесија на Североатлантскиот совет.

 Ковачевски вчера, пак, напомена дека во однос на соработката со Украина ќе биде формиран Совет НАТО-Украина, на кој во иднина ќе можат да се носат одлуки, кои се однесуваат на заедничката соработка во однос на финансирањето на сите зголемени потреби за одбраната.

– Во однос на идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција.

Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент.

И она што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена е голема одлука со тоа што Шведска ќе биде 32-рата земја членка на НАТО, рече Ковачевски.

На вчерашната Сесија на Советот беше поздравена Финска, како 31.

поплноправна членка на НАТО, а Столтенберг рече дека со нетрпение очекуваат да ја поздрават и Шведска, согласно договорот што го постигнал со Ердоган и Кристершон.

Лидерите на НАТО исто така одобриле најсеопфатен одбранбен план од крајот на Студената војна, кој има цел да се справи со двете, како што посочи Столтенберг, „главни закани со кои се соочуваме: Русија и тероризмот“.

Согласно новите планови НАТО ќе има 300 илјади војници во состојба на зголемена готовност, вклучувајќи ги значителни воздухопловни и поморски сили.

Лидерите на земјите членки се заложија и за зголемување на средствата, кои се вложуват во одбраната, а двата отсто кои беа поставени како цел уште од Самитот во Велс 2014 година, сега станаа минимален праг во вложување на одбранбените сили на секоја членка посебно.

 – Цврстото одраќање и одбрана бара робусна индуструска база.

Лидерите одобрија нов Акционен план за одбранбено производство, кој ќе ги забрза заедничките набавки, ќе ја зајакне интероперабилноста, и ќе генерира инвестициски и производствен капацитет.

За да го направиме сето ова, треба повеќе да инвестираме во одбраната.

Нашите најнови проценки покажуваат дека трошоците за одбрана на европските сојузници и Канада ќе се зголемат за 8,3 отсто во 2023 година. Ова е најголем пораст во последните неколку децении.

Од 2014 година тие ќе инвестираат дополнителни 450 милијарди американски долари во одбраната.

Единаесет сојузници сега го достигнуваат или надминуваат прагот од два отсто од БДП за одбраната и очекуваме оваа бројка значително да се зголеми следната година.

Денеска земјите-членки се заложија да инвестираат минимум два отсто од БДП во одбраната на годишно ниво и да вложат поголеми напори за исполнување на оваа заложба, рече Столтенберг.

 Северна Македонија во мометнов издвојува 1,85 отсто од БДП за одбраната, а планирано е следната година да го достигне сега минимумот од два отсто, а како што изјави вчера Ковачевски земјава вложува 30 отсто од буџетот во модернизација на вооружените сили, што е над препорачаните 20 отсто.

 Премиерот Ковачевски вчера на маргините на состанокот оствари билатерална средба со естонската премиерка Каја Кала, а за денеска е планирана средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Тој имаше и куса неформална средба со американскиот претседател Џо Бајден.

– Средбата со претседателот на САД Џо Бајден, на Самитот на НАТО, беше можност накратко да поразговараме за важноста на европските и евроатланските интеграции на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан како еден од предусловите за обезбедување на мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Ковачевски имаше и куси неформални средби со бугарскиот премиер Николај Денков, британскиот премиер Риши Сунак, словенечкиот претседател Роберт Голоб и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

 Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави или влади и над 150 високи официјални претставници присустуваат на дводневниот самит.

Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.

Самитот се одвива под зајакнати мерки за безбедност. За негово обезбедување се задолжени 12 илјади припадници на различни безбедносни структурки.

Околу четири илјади војници го обезбедуваат настанот, од кои околу илјада се испратени од 16 членки на Алијансата.

На Самитот на НАТО во Вилнус се акредитирани над илјада новинари и медумски работници. ац/сп/Фото: МИА архива/ЕПА/НАТО  .

Извор: МИА