Конфликт Израел – Хамас: Најважни настани во изминатите 24 часа


Најмалку 500 луѓе се убиени во израелски воздушен напад врз болница Ал Ахли во опколениот Појас Газа, соопштија палестинските власти.


– Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди нападот врз болницата во Газа како „воен масакр“ што не може да се толерира.


– Целиот свет треба да знае: Терористите во Газа ја нападнаа болницата во Газа, а не ИДФ, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– Портпаролот на Исламски џихад, Дауд Шехаб наведе дека: „Ова е лага и измислица, тоа е целосно неточно. Окупаторот се обидува да го покрие ужасното злосторство и масакрот што го изврши врз цивилите“.


– Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на „итен“ прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Тој исто така посочи дека нападите на Хамас не го оправдуваат „колективното казнување“ на палестинскиот народ.


– Најмалку уште 37 лица се убиени во одвоени воздушни напади насочени кон две населби во бегалски камп во северниот дел на Појасот Газа.

– Израелската армија идентификуваше уште двајца војници кои загинаа од почетокот на војната на 7 октомври.


– Јордан го откажа денешниот Самитот во Аман со американскиот претседател Џо Бајден и египетските и палестинските лидери посветен на ситуацијата во Појасот Газа.

– Огорчен сум и длабоко тажен поради експлозијата во арапската болница Ал Ахли во Газа и страшната загуба на животи што резултираше, изјави Бајден, кој патува за Израел.

САД недвосмислено се залагаат за заштита на цивилниот живот за време на конфликтот и жалиме за пациентите, медицинскиот персонал и другите невини убиени или повредени во оваа трагедија, истакна Бајден.

– Експлозијата во болницата наиде на осуда ширум арапскиот свет, а протести беа организирани пред амбасадите на Израел во Турција и Јордан и во близина на Амбасада на САД во Либан, каде безбедносните сили употребија солзавец врз демонстрантите.

– Палестинските безбедносни сили во Рамалах употребија солзавец и шок-бомби за да ги растераат демонстрантите кои фрлаа камења и скандираа против претседателот Махмуд Абас по смртоносниот напад врз болницата во Газа.

– Либанската група Хезболах, поддржана од Иран, го осуди, како што рече, израелскиот смртоносен напад врз Арапската болница Ал Ахли во Газа, и повика на „Ден на невиден гнев“ против посетата на Израел и Бајден.

– Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за резолуцијата подготвена од Бразил, која повикува на хуманитарни паузи во конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас за да се дозволи пристап на хуманитарната помош до Појасот Газа.

– Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека во неговата земја е забележан пораст на антисемитизмот откако Хамас ги нападна Израел и последователните смртоносни воздушни напади на Израел врз Појасот Газа.

ми/фото: ДПА .

Извор: МИА