Breaking News

Избори во Пакистан: Партијата на Шариф во мало водство


Партијата на поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф има мало водство на општите избори, покажуваат денеска првичните резултати, по одложувањето на броењето на гласовите што владата го припиша на исклучувањето на мобилните интернет услуги.


Изборната комисија на Пакистан (ЕЦП) ги објави резултатите за 47 од 265 места во Националното собрание, при што 17 места ќе добијат Пакистанската муслиманска лига (PML-N) на Шариф и 14 на приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан.


Пакистанската народна партија на Билавал Буто Зардари, син на убиената премиерка Беназир Буто, освои 12 пратенички места. Остатокот отиде кај помалите партии или независни кандидати.

Бидејќи Кан е во затвор, а  на неговата партија Тахрик-е-Инсаф (ПТИ) и беше забрането да учествува на изборите, неговите поддржувачи се кандидираа како независни.


Пред вчерашното гласање, аналитичарите предвидуваа дека изборите нема да доведат до јасен победник, што само ќе придонесе за неволјите на земјата зафатена со милитантно насилство и длабока економска криза во високо поларизирана политичка средина.

Главната битка на овие избори се очекува да биде меѓу кандидатите на Кан, чиј ПТИ победи на последните избори, и партијата на трикратниот премиер Наваз Шариф, ПМЛ-Н.


Кан смета дека моќната пакистанска армија стои зад прогонот на неговата партија со цел нејзино целосно уништување. Аналитичарите и ривалите на Шариф се убедени дека Шариф има поддршка од генералите.

Во 76-те години од постоењето на Пакистан како независна држава, војската директно или индиректно доминираше со оваа нуклеарна сила, но веќе неколку години тврди дека не се меша во политиката.


ссм/фото: ЕПА .

Извор: МИА