Breaking News

Истражување на ФДВ: Не се одвојуваат доволно средства за младински политики


Бројот на младо население од 2002 година е во опаѓање, не се одвојуваат доволно средства за младински политики, а само во осум општини младите имаат можност да посетат младински центар, покажуваат анализите направени од Фондацијата за демократија на Вестминстер.


Според Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во земјава, на младите, покрај квалитетна работа, важни и се и квлаитетното образование, инфраструктурата, подобрувањето на грижата за животната средина, спортот, рекреацијата.


. . . Костуранова вели дека не се одвојуваат доволно средства за да се поддржат младинските политики.

– Законот за младинско учество донесен пред речиси три години предвидува дека 0,3 отсто од државниот Буџет и 0,1 отсто од буџетите на локалните самоуправи ќе одат кон политики за млади, но тие бројки не се остваруваат, вели Костуранова.


Посочи дека со согласно закон, секоја локална младинска самоуправа треба да има формирано локален младински совет, но дека само шест се формирани од вкупно 81 локална самоуправа, а само во осум општини, младите можат да одат и да посетат младински центар.

– Кога ќе ги прашаме младите што сакаат да се подобри, дознаваме дека покрај квалитетните работни места, важни им се и подобрено образование и подобрена инфраструктура, подобрување на грижата за животната средина, спортот и рекреацијата и други теми што не се само од интерес на младите, туку на сите, изјави Костуранова.


Посочи дека поголем дел од младите живеат во урбаните средини и дека во руралните средини можностите за млади се помали и поограничени, особено во поглед на работни места и можности за вработување.

 – Повеќето од локалните самоуправи не успеваат да одвојат 0,1 отсто од својот буџет за млади, а од националниот Буџет најголем дел од тоа што се издвојува, на пример, кон Агенцијата за млади и спорт е 0,2 отсто, но од тоа само 4 до 5 отсто одат за млади, а се останато е за спорт, рече Костуранова.


 Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски соопшти дека младинската стратегија е веќе поднесена во Влада и се очекува да биде усвоена.

– Сите засегнати страни беа вклучени во изготвувањето на младинската стратегија и се надевам дека така и ќе продолжи.

Ова што ни се случува со иселувањето се надевам дека ќе го забавиме, рече Мојсовски.

Тој изрази надеж дека буџетот за младите ќе се изедначи со буџетот за спорт во наредните две до три години и дека оваа Агенција ќе се претвори во министерство во иднина.

И според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, треба да се креираат политики со кои ќе се задржат младите во земјава. – За жал, младите ја напуштаат државата.

Скоро 18 години не го знаевме тоа или го гледавме, а не сакавме да го видиме. Денеска ја имаме таа слика.

Треба да искреираме политики и да ги спроведеме за да го сопреме овој процес на иселување на младите луѓе, да се содадат услови да сакаат да останат тука бидејќи никој не можете да го обврзете да остане, рече Симовски.

сх/бак/  .

Извор: МИА