Breaking News

Ирански министер за нафта: Експлозиите на главниот гасовод се терористички чин на саботажа


Двете експлозии долж главниот ирански гасовод што пренесува сино гориво во правец југ-север се предизвикани од „терористички акти“, изјави министерот за нафта Џавад Оуџи.


„Овој терористички чин на саботажа беше извршен ноќеска, во 1 часот по полноќ, на националната гасоводна мрежа во два региона на земјата“, изјави Оуџи за државната телевизија.


„Очекувавме такви акти на саботажа околу годишнината од Иранската револуција (11 февруари) и брзо ја променивме конфигурацијата на преносната мрежа за да се спротивставиме на целите на непријателот да предизвика прекин на снабдувањето со гас во големите провинции“, додаде Оуџи.

Тој посочи дека само во населените места во близина на оштетениот гасовод има прекин на снабдувањето со гас, кој најави дека ќе биде саниран во текот на денешниот ден.


Директорот на Диспечерската служба на Националната иранска компанија за гас ги негираше претходните извештаи дека инцидентот довел до прекини во снабдувањето со гас на индустриите и канцелариите во некои провинции, објаснувајќи дека овие привремени ограничувања биле однапред планирани и биле дел од одржувањето.

Оуџи потсети на сличен инцидент на 11 февруари 2011 година, за кој рече дека исто така бил чин на саботажа што предизвикал привремени прекини на гасот во четири различни области.


Регионалниот гувернер претходно изјави дека во градот Борујен во иранската провинција Чахармахал и Бахтијара рано утринава се случи експлозија на гасовод, по што избувна пожар.

Локалните медиуми информираа дека нема жртви и дека на местото на инцидентот се наоѓаат противпожарни и спасувачки екипи. паг/Фото: МИА архива    .


Извор: МИА